[ФОТО] Величествен концерт на Дуке Бојаџиев во Градскиот парк во Скопје

Фото: Мета.мк

Вчера вечер во рамките на одбележувањето на Денот на Европа, 9 мај во Градскиот парк во Скопје се одржа концерт на филмскиот композитор, пијанист и продуцент, Дуке Бојаџиев.

Сцената на која 20-члениот симфониски оркестар на Македонската филхрамонија под диригенство на маестро Ана Спасовска изведуваше дел од воодушевувачкото творештво на Бојаџиев, беше поставена пред езезерцето во скопскиот парк каде на посетителите им беше приредена величествена глетка. Присутните околу езерото имаа можност да гледаат кон сцената и нејзиниот отсјај во езерото придружен од светла и рефлектори во доминантна црвена и зелена боја што оддаваше живописна глетка дури и во темните, вечерни часови.

Фото: мета.мк

Концертот започна во 20:00 часот со обраќањето на амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир кој во своето обраќање кон публиката се осврна и кон моменталните воени случувања во Украина по што завладеа момент на солидарност што кратко потоа беше дополнет со првата нумера при маестралната изведба на оркестарот.

Некаде околу средината на концертот Бојаџиев ја најави изведбата на дел од песните компонирани за филмот „Војната заврши“, („The War is Over“) во албанско-косовска продукција, а во режија на Митко Панов. Музиката создавана за филмот, а вчера отсвирена од филхармонискиот оркестар звучеше опипливо, чиниш секоја нота носи сопствена приказна и сето тоа изгледаше магично во одблесокот на езерото.

Фото: мета.мк

Откако беше претставен и дел од новата музика што Бојаџиев ја работел додека бил на Ибица, Шпанија, тој на сцената ги покани и музичарите што допатувале од Шпанија, Медуса Одисеј, (дуо диџеи, гитара), Миријам и Иса, вокал. Покрај нив, на вчерашниот концерт гостуваа и Наташа Петровиќ и Амернис Нокшиќи кои на македонски и албански јазик наратираа стихови од средновековниот персиски поет, Руми. Стиховите избрани од страна на композиторот, ги рецитираше и музичарот Бахрамџи, што предизвика нов занес за присутните поради кажувањето на персискиот, мајчин јазик на Бахрамџи на кои оригинално биле напишани истите.

За крај, Бојаџиев ги поздрави посетителите со молитвена композиција за која нагласи дека не е религиска туку световна, компонирана за мир во светот и ги повика сите кои сакаат да се придружат на вокалите што изразито ја надополнуваа изведбата на оркестарот.