!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Јужна Кореја избира нов претседател на државата


Сеул, 9 мај, 2017 - 10:38 (META) 

Граѓаните на Јужна Кореја денеска избираат нов претседател на земјата, откако во март оваа година од функцијата шеф на државата беше сменета Парк Геун-хје, поради корупциски скандал.

Како што пренесуваат светските агенции, анкетите предвидуваат победа на либералниот кандидат Мун Џае-ин, кој, меѓу другото, се залага за подобрување на односите со Северна Кореја. Негов најжесток ривал е Ан Чеол-су.

Мун Џае-ин е јасен фаворит во земјата, каде силните конзервативни сили се обидуваат повторно да се групираат по корупцискиот скандал, кој во март доведе до смена на претседателката Парк Геун-хје.

Последната анкета објавена минатата недела покажува дека Мун Џае-ин, кој е кандидат на Демократската партија, има околу 20 процентни поени повеќе од своите двајца главни ривали, кандидатите на центристите и на конзервативците.

Доколу победи, тоа ќе значи крај на речиси десетгодишното владеење на конзервативците во Јужна Кореја, односно на Парк Геун-хје и на нејзиниот претходник Ли Мјунг-бак.


Брисел: Повици за оставка на новиот претседател на ЕК


Брисел, 10 ноември, 2014 - 14:51 (META) 

Се зголемува притисокот врз новоизбраниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, откако меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари ги откри минатата недела тајните договори кои луксембуршката влада редовно ги склучува со големи меѓународни приватни компании за да им овозможи минимално плаќање данок.

Шемата наречена „такс рулинг“, иако не е нелегална, била чувана во тајност, отворајќи низа морални прашања во јавноста, особено во време на економска криза кога обичните европски граѓани се во голем дел погодени од владините мерки за штедење.

Европратениците од редовите на либерал-демократите и социјал-демократите во парламентот бараат новиот претседател на ЕК да се соочи со парламентарците в среда или в четврток, кога ќе се одржи седница на Европскиот парламент во Брисел, но Јункер засега нема таква намера, информира неговиот портпарол, Маргаритис Шинас, сè додека тоа не биде побарано од парламентот како институција, а не од политички групи.

Јункер е член на Европската народна партија, демохристијанската десница, која има тесно мнозинство во ЕП.

Либералите и социјалистите најавија дека прашањето ќе биде дискутирано на 12 и на 13 ноември и во отсуство на претседателот.

Како поранешен премиер и министер за финансии на Луксембург во време кога овие шеми биле етаблирани, Жан Клод Јункер се смета за директно одговорен. Европарламентарци, национални политичари, новинари и уредници го повикуваат да поднесе оставка, сметајќи дека неговата улога во овие даночни шеми фрла голема сенка од самиот почеток врз неговиот интегритет како прв човек на европската извршна власт.

Угледниот американски магазин „Блумберг“ објави едиторијал во кој, исто така, повикува Јункер да се повлече од функцијата во име на кредибилитетот на Европска Унија.

Т.М.