fbpx

Социјалдемократите, Зелените и Либералите на чекор до формирање на новата германска влада

-

Актуелниот германски министер за финансии Олаф Шолц е на чекор да постане иден германски канцелар, кој ќе дојде на местото на Ангела Меркел. Германските Социјалдемократи, Зелените и Либералите постигнаа начелен договор, усвојувајќи заеднички текст од подготвителните разговори за формирање на новата германска влада, јавува Дојче Веле.

Социјалдемократот Олаф Шолц веќе изјави дека очекува преговорите меѓу трите партии за формирање на новата влада да завршат пред Божиќ, со што Германија би ја добила идната централна власт. Лидерите од неговата партија СПД веќе гласаа за да продолжат преговорите за формирање на новата влада, додека Зелените и ФДП утре и задутре ќе имаат слични гласања на оваа тема.

Покрај тоа што трите партии имаат мнозинство пратеници во Бундестагот за да формираат нова влада, германската јавност на анкетите по одржаните парламентарни избори ја преферира ваквата коалиција од трите партии, при што 62 отсто од Германци рекле дека ја преферираат оваа коалиција, додека дури 75 отсто од граѓаните се изјасниле дека Олаф Шолц е добар избор за иден канцелар, пишува Дојче Веле.

Сепак, британскиот весник Гардијан во анализата околу формирањето на новата германска влада објаснува дека постои можност лидерот на Либералите, Кристијан Линднер да постане иден германски министер за финансии, што може да предизвика страв во ЕУ. Пред четири години, Линднер изјави дека Грција треба да биде привремено исфрлена од еврозоната, додека економските планови за ЕУ на францускиот претседател Емануел Макрон тој ги офрли како систем којшто наликува на Советскиот Сојуз.

Либералите ФДП веќе се позиционираа во германската јавност во поддршка на скандинавските земји, Австрија, Данска и Холандија, кои бараат старите правила на ЕУ да се вратат во игра веднаш штом заврши ковид-19 пандемијата. Тие ги отфрлаат барањата за воведување дополнителни даноци во рамките на ЕУ, кои би биле „несоодветни на европските договори“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.