Еден загинат, петмина повредени во судир на патот Кратово – Пробиштип


Кратово, 23 ноември, 2017 - 12:34 (META) 

Едно лице починало од повредите што ги добило во тешката сообраќајка што се случила претпладнево на регионалниот пат меѓу Кратово и Пробиштип, велат за „Мета“ од МВР.

Кај местото Жгури дошло до судир на автомобил „рено меган“ со скопски таблички и „фолксваген“ со штипски ознаки. По несреќата пет лица биле префрлени во Клиничката болница во Штип, каде едно лице им подлегнало на повредите. Шестото лице било пренесено со телесни повреди во Здравствен дом Пробиштип.

Увидот на местото на несреќата уште трае, а полицијата ќе го соопшти идентитетот на загинатото лице откако ќе биде известено семејството.


ВМРО-ДПМНЕ во Карпош го поддржува Стевчо Јакимовски, во Кратово – Мите Андоновски


Скопје, 15 септември, 2017 - 17:34 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ попладнево го објави комплетниот список на сите кандидати за градоначалници со кои ќе настапи на локалните избори. Кандидатите, инаку, беа соопштувани во изминатите денови на повеќе прес-конференции.

Во четири општини партијата ќе поддржи други кандидати и го повика членството да гласа за нив. Така, во Карпош партијата ќе го поддржи актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, кој ќе настапи како кандидат на ГРОМ, а во Кратово ќе го поддржи кандидатот на Социјалистичка партија на Македонија и актуелен градоначалник, Мите Андоновски.

Во општина Старо Нагоричане, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува кандидатурата на Елена Јакимовиќ, кандидат на Демократска партија на Србите во Македонија, а во Чучер – Сандево независниот кандидат Јован Пејковски.


Татко и син од Штип одгледувале марихуана во Кратовско


Кратово, 13 август, 2015 - 13:16 (META) 

Двајца штипјани се осомничени дека одгледувале насади од канабис сатива (марихуана) во кратовското село Татомир, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираат оттаму, Секторот за внатрешни работи Куманово поднел кривични пријави до Јавното обвинителство против С.Ѓ. (59) и Т.Ѓ. (37), кои се товарат за неовластено производство и за пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Според МВР, откако добиле оперативни информации дека Т.Ѓ. одгледува марихуана во селото Татомир, полициски службеници од полициската станица во Кратово извесен период ги следеле осомничените, а вчера наутро во атарот на селото, каде биле насадите со канабис, го уапсиле неговиот татко, кој дошол да ги наводни растенијата.

Тој во селото пристигнал со С.С. (48), такси-возач од Штип, кој бил ангажиран трипати во неделата да го вози С.Ѓ. на релација Штип – село Татомир.

„По овластување на јавен обвинител од Куманово, увид на местото изврши увидна екипа на СВР Куманово, при што се пронајдени и запленети вкупно 71 насад од растението канабис сатива, во големина од 1 до 2,3 метри, кои се откорнати и со потврда за одземени предмети се одземени заедно со пластични канти, гумени црева, шишиња со течност за прехрана на растенијата и шприцеви“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму информираат дека по наредба на Основниот суд во Штип, бил извршен претрес во домовите осомничените. Во домот на Т.Ѓ., според полицијата, биле пронајдени и одземени „најлонска ќеса со непозната растителна зелена материја, семе од непозната растителна материја, луле со дробилка, четири пакувања ризли, дигитална вага, дурбин, ловечки патрон, два куршуми калибар 7,62 милиметри и куршум за гасен пиштол“. Исто така, во другите простории биле пронајдени три засадени стебла со должина од 145 до 190 сантиметри, девет грама растителна материја, 15 стари метални монети, а во лозјето, сопственост на пријавените, се пронајдени и одземени две засадени стебла канабис во должина од околу еден метар.

Од МВР информираат дека судија на претходна постапка на С.Ѓ. му одредил мерка притвор од 30 дена, додека неговиот син е недостапен за органите на прогонот, бидејќи бил на привремен престој во Германија или Белгија.


Кривична пријава за мачење елени


Кратово, 2 декември, 2014 - 13:25 (META) 

Полицијата во Кратово поднесе кривична пријава против С.Ј. (50) од Кратово, претседател на Здружението „Буковац“ – Кратово, С.С. (37) од село Злетово, технички секретар-ловник, и З.М. (39) од Кратово, секретар и член на Управен одбор, за злоупотреба на службената положба и за мачење животни во врска со соизвршителство. Првите двајца добиле пријава и за повреда на рамноправноста на граѓаните. Претседателот на здружението, техничкиот секретар и членот на управниот одбор, заедно со С.С. (70), претседател на Надзорен одбор во правното лице Здружение „Буковац“ и членовите Д.А. (49) и Н.М. добиле кривична пријава за уште едно кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување.

Во периодот од 5 ноември 2013 година до 27 август 2014 година, од правното лице „Сурда вахо“ ДООЕЛ, село Оморани, Општина Чашка, пријавените без правосилна писмена одлука купиле шест грла крупен дивеч (елени лопатари) и од сметката на Здружението „Буковац“ – Кратово неосновано исплатиле 186.960 денари.

По ова, дивечот го однеле во селото Живалево, Кратовско, каде што го сместиле во затворен објект на Т.А., кој не поседувал соодветна дозвола за одгледување ваков вид на дивеч, и противправно го одгледувале и го држеле во заробеништво, изложувајќи го дивечот на непотребни маки заради размножување.

Исто така, пријавените, во текот на јули 2014 година, спротивно на статутот на Здружението „Буковац“-Кратово, на одржано редовно собрание за избор на органи и тела на правното лице, противправно носеле одлуки, ограничувајќи им ги правата на останатите членови од одборот.

Првопријавениот и второпријавениот, во периодот од мај 2010 година до јули 2014 година, без правосилни одлуки, вршеле бесправна набавка на материјални средства и користеле други услуги, за кои од сметката на Здружението „Буковац“ исплаќале финансиски средства на штета на здружението, што дополнително ќе биде утврдено од Бирото за судски вештачења.


Кратово ќе добие индустриска зона до средината на 2015 година


Кратово, 23 ноември, 2014 - 11:59 (META) 

Индустриската зона во Кратово, еден од крупните инфрастриктурни проекти финансиски поддржани од Владата, ќе биде готова до средината на 2015 година, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, по вчерашната средба со градоначалникот Мите Андоновски и со советниците во општината.

– Индустриската зона во кругот на фабриката „Иднина-змеј“ треба да биде готова до средината на следната година. Таму ќе може бизнисмените да инвестираат во нови погони и да отвораат нови работни места – рече Ставрески.

Тој и градоначалникот Андоновски, најавија реализација на нови инфраструктирни зафати, од кои за дел веќе е обезбедена финансиска поддршка од Владата.

Градоначалникот на Кратово рече дека Општината ќе бара и други извори на финансисрање, како ИПА-фондовите за прекугранична соработка, донации од амбасади и од Агенцијата за подршка на земјоделството и на руралниот развој.

Вицепремиерот и министер за финансии, Ставрески, вчера присуствуваше и на завршувањето на работите околу сананцијата на свлечиштето во Кратово, проект за кој Владата одвои 58 милиони денари.