СОНК: Државните пари се трошат нефукционално


Скопје, 13 февруари, 2018 - 14:04 (META) 

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК), се огласи со реакција на распределба на буџетските пари во културата на граѓанските организации. Велат дека станува збор за нефукционално трошење државни пари во дел од проектите.

„Всушност со ништо не ја отсликуваат, презентираат или воздигнуваат културата во Република Македонија, особено не преку финансирање на проекти кои во најмала рака се сомнителни во оправданоста да бидат одобрени преку ова Министерство, како и проекти кои се поднесени од членови на комисии и кои одлучуваат за доделување на средства за туѓи, но и за свои апликации“, се вели во реакцијата.

Во писмото од Синдикатот се вели дека има огромно разочарување кај „културните работници кои се вработени во установите од културата, а кои реално се едни од најслабо платените работници во Јавниот сектор и очигледно се заборавени од страна на државата“.

СОНК апелира до Министерството за култура итно да продолжат преговорите за потпишување на колективниот договор, како и обезбедување на пари за негова реализација.

„Се чини дека Министерството за култура не е заинтересирано да го потпише и имплементира колективниот договор за култура, со тоа и да се надмине проблемот со различните плати во оваа дејност, воедно и да се подигне висината на платите на ниво со кое што на културните работници ќе им се врати достоинството на нивната професијата“, порачува Синдикатот.


Компанијата „Фиат“ и синдикатот постигнаа договор, работниците го прекинаа штрајкот


Крагујевац, 25 јули, 2017 - 16:06 (META) 

Раководството на компанијата „Фиат“ и синдикатот потпишаа договор со што се стави крај на штрајкот во фабриката во Крагујевац.

За време на разговорите било договорено зголемување на платите во согласност со стапката на инфлација, која ја проектирала Народна банка на Србија за наредните три години.

Исто така, било договорено исплата на новогодишен бонус во август, а остатокот да биде исплатен во декември годинава. Надоместокот на ноќен превоз ќе биде двојно зголемен.

Со колективниот договор, работниците се обврзале дека следните три години нема да штрајкуваат.

Преговорите помеѓу синдикатот и компанијата почнаа на 19 јули, со посредство на премиерката Ана Брнабиќ и на Владата на Србија.


Синдикатот на културата од новата влада бара нов закон за култура


Скопје, 5 јуни, 2017 - 15:14 (META) 

Синдикатот на култура на Република Македонија денеска упати низа барања до новата власт, за кои рече дека драстично ќе ги сменат лошите околности во кои е западната културата во земјава.

На прес-конференција во МОБ, синдикатот побара замена на сегашниот Закон за култура со нова законска рамка по урнекот на европските земји, како и изземање на културата и на вработените во различни институции од законот за јавна администрација, а побара и транспарентност при носењето на законските рамки.

Синдикатот смета дека мора да се води транспарентна постапка, со можност за јавна расправа, за годишната програма за работа. Едно од клучните барања е и повлекување на сегашниот предлог за колективен договор изработен од Министерството за култура и итна изработка на нов колективен договор, со кој би се вратиле одземените права како дневни и патни трошоци, регрес за годишен одмор и надомест за одвоен живот.

Синдикатот на културата бара и посоодветен избор на кадарот, но и измени на сегашниот каталог на работни места. Побара и укинување на антикризните мерки и подобрување на условите за работа во институциите, како и нови правилници и праведен систем за наградување.


Синдикатот на новинари го достави колективниот договор до ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 4 декември, 2015 - 15:50 (META) 

Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници (ССНМ) денеска го достави колективниот нацрт-договор за медиумската индустрија до координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

„Секое од решенијата што ССНМ ги нуди во нацрт-договорот се добредојдени за вградување при евентуалното менување на Законот за медиуми, затоа што со тие решенија се подобруваат правата на медиумските работници, што е еден од основните услови за слободата на медиумите. Нема слободни медиуми без слободни новинари и медиумски работници“, велат од ССНМ.

Колективниот договор предвидува регулирање на сите прашања што произлегуваат од работата на еден медиум, како плати, работно време, начин на напредување, избор на уредници, како и правото на слободно и професионално работење.


ССНМ: Колективен договор до враќање на достоинството на професијата


Скопје, 30 ноември, 2015 - 13:38 (META) 

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) подготви колективен договор за системско решавање на проблемите во медиумската индустрија. Договорот предвидува регулирање на сите прашања што произлегуваат од работата на еден медиум како плати, работно време, начин на напредување, избор на уредници, како и правото на слободно и професионално работење.

– Овој колективeн договор е резултат на речиси една година подготовки, дебати, консултации со претставниците на медиумската сфера и со сите засегнати страни за тоа како системски да се решат проблемите во кои се наоѓаат медиумите. Додека работиме со казни и со притисоци, нема да известуваме балансирано и професионално. Колективниот договор ги регулира материјалните и нематеријалните права на вработените и го регулира статусот на тие што не се вработени – вели Тамара Чаусидис, претседателка на ССНМ.

Чаусидис вели дека според договорот, основната плата за медиумски работник со работно искуство од една до пет години треба да е државниот минимум што моментално е 20.000 денари. Освен тоа, договорот предвидува и минимални хонорари, статусот на хонорарците да не биде поголем од една година, а приправничкиот стаж да не биде повеќе од шест месеци.

– Со договорот меѓу другото сакаме да ја вратиме и функцијата ментор во редакциите, да бидат заштитени авторските права, да е предвиден минимален хонорар, да нема одработување на одморот кој е законски загарантиран, да има флексибилно работно време и да го заштитиме работникот од системски мобинг – додава Чаусидис.

Наредни чекори, вели Чаусидис, се лобирањe и преговарање кај работодавците за да го потпишат колективниот договор со ССНМ и со тоа да се врати достоинството на професијата.

– Ние дојдовме во ситуација нашата професија да биде омаловажена, дискредитирана, понижена, а ние сега треба да ѝ го вратиме достоинството, но не со закон зашто законот го носат политичарите, а тие не се заинтересирани за нашите позиции. Сега имаме готов документ со кој ќе тропнеме на врата кај работодавците за да ги регулираме односите. Сакаме успешни, профитабилни и силни медиуми – рече Чаусидис.