!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски на судењето за „Шамари“ го снимаа две рачни камери без тон


Скопје, 7 декември, 2017 - 14:15 (META) 

Денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013, случај во јавноста познат како „Шамари“, во кој обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште десетина други лица, се снимаше со две рачни камери, откако вчера и денеска адвокатите на одбраната побараа и добија одложување на рочиштата за случаите „Траекторија“ и „Тотал“, бидејќи немаше услови за визуелно-тонско снимање на постапката.

Како што појасни судијката Татјана Михајлова, судењето се снима со две рачни камери, но само визуелно, не и тонски.

На ова реагираше адвокатот на Груевски, Димитар Дангов, кој рече дека штом се снима, не треба да се води записник и побара да се одложи главната расправа бидејќи претходните записници не биле потпишани од странките во постапката и поради тоа немаат правно дејство.

Михајлова го одби барањето на адвокатот и рече дека снимањето е овозможено со новиот Закон за кривична постапка од 2013 година, но условите се такви, а записниците се водат во строга форма.

– Судот располага со ваков вид опрема. Доколку ги видите претходните записници, јас имам кажано дека немало можност да се снимаат рочиштата –рече Михајлова.

На денешното рочиште сведочеше поранешниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, кој рече дека во судницата препознал двајца од насилниците.

Еден од нив, како што рече, бил Димче Крстев, кому ќе му се суди во одвоена постапка бидејќи немаше адвокат и беше болен.

Жерновски рече дека за време на насилните протести пред Општината, Крстев наместо антихрист, го нарекол антифашист, што тогашниот градоначалник не го сфатил како навреда.

Тој ги опиша случувањата пред општинската барака, каде насилници фрлале разни предмети, ги пцуеле советниците од редовите на СДСМ, додека Жерновски бил повикуван од Даниела Рангелова, како тогашна советничка од ВМРО-ДПМНЕ, да излезе и да се соочи со демонстрантите.

Жерновски раскажа и за однесувањето на полицијата, која, иако била присутна, воопшто не реагирала.

Поранешниот градоначалник на општина Центар денеска одговараше само на прашања на обвинителите на СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, по што рочиштето беше прекинато бидејќи обвинетата Рангелова имала обврски.

На следното рочиште, кое е закажано за 18 декември, Жерновски ќе одговара на прашања на адвокатите на одбраната.


Обвинителството со анализа на видеоснимки ќе го бара убиецот од Чаир


Скопје, 27 ноември, 2017 - 15:04 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје ги зело и ќе ги анализира видеоснимките од камерите што се наоѓаат во околината на местото каде во петокот минатата недела, беше убиен 35-годишниот И.А. од селото Блаце.

Од Обвинителството денеска соопштија дека надлежниот јавен обвинител ги презема сите неопходни мерки за откривање на сторителот и на мотивот за убиството.

„Обезбедени се видеозаписите од камерите што се наоѓаат во околината на местото каде се случи убиството и тие ќе бидат предмет на анализа. По наредба на јавниот обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција. Во исто време, издадени се повеќе наредби за вештачење на чаурите, на облеката, на трагите од крв и на други предмети пронајдени и подигнати од местото на настанот“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.


Полицијата ќе снима со мобилни камери, проект на ИЦИТАП и на МВР


Скопје, 16 јуни, 2016 - 16:31 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, и амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, денеска го помовираа новиот мобилен систем за снимање со камери што ќе ги носат сообраќајните полицајци.

Станува збор за заеднични пилот-проект на ИЦИТАП – Одделот за правда на САД во Македонија и на Министерството за внатрешни работи.

Неговата цел е, како што посочи министерот Чавков, да се обезбеди законитост во постапувањето на полицијата, да се отстранат пропустите во работата, потоа контрола на работењето на полициските службеници, од страна на нивните претпоставени, превенирање на злоупотреби и на корупција, како и утврдување на основаноста на поплаките од граѓаните.

– Довербата на јавноста во полицијата како јавен сервис на граѓаните несомнено зависи од перцепцијата, односно во која мера полициските службеници со своето постапување ги почитуваат човековите права и слободи и еднакво ги штитат нивните интереси. Уверен сум дека ваквиот партнерски однос во кој полицијата применува модерен начин на дејствување преку одговорност и транспарентност во вршењето на полициските работи заедно со граѓаните, ќе придонесе за комплетна поддршка и доверба од јавноста – рече Чавков на денешната прес-конфереција по повод промоцијата на проектот.

Донацијата е во вредност од 65.000 американски долари, а веќе е почната и обуката на полицајците, која треба да заврши до крајот на овој месец.


Нов Закон за полициското снимање на настани денеска пред пратениците


Скопје, 30 мај, 2016 - 12:42 (META) 

Денеска пратениците во Собранието на пленарна седница треба да одлучуваат по предлог-измените на Законот за полиција кои се однесуваат на снимањето на настани од страна на полицијата, кои се честа појава изминатиов период, особено за време на протестите на граѓанската иницијатива „Протестирам“ и на „Шарената револуција“.

Според материјалот од предлог-измените, објавен на интернет-страницата на Собранието, станува збор за допрецизирање на Законот во делот каде е пропишана можноста полицијата да употребува „технички средства за видео снимање“.

Интересно, како претставници на Владата, која е предлагач на измените се наведени Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи и Митко Чавков, како дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, иако Спасовски повеќе не е министер и на оваа функција од пред десетина дена е именуван токму Чавков. Ова е од причина што предлог измените се подготвени од Владата и доставени до Собранието на почетокот на април.

„Со членот 93-а предвиден со последните измени и дополнувања на Законот за полиција (Службен весник на Република Македонија“ бр.33/15), се уредува можноста Полицијата да употреби технички средства за видео снимање, со кои ќе се обезбеди снимен материјал (видео запис) за начинот на кој се презема конкретно дејствие во рамки на примената на полициските овластувања од страна на полициските службеници.

Снимениот материјал е предвидено да се чува во полицијата шест месеци, по што се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој е предвидено да се постапува во согласност со закон, стои во воведот со оценката на состојбата поради кои се менува Законот.

Со предложените измени се предвидува наместо само „видео запис“, да се допрецизира и терминот „аудио, односно да стои „аудио и видео запис“.

Покрај тоа, со измените, во членот 93-а се додава нов став кој вели дека „при користење на техничките средства за аудио и видео снимање полицискиот службеник е должен да го извести лицето дека преземањето на дејствието е предмет на аудио и видео снимање, освен доколку известувањето на лицето за употреба на аудио и видео снимање го оневозможува или отежнува преземањето на дејствието во рамки на полициското овластување“.

Периодот на чување на снимките, со измените, наместо досегашните 6 месеци, сега се скратува на 45 дена.

Полициски припадници со камери во рацете секојдневно можат да се забележат на протестите на „Шарената револуција, а пред десетина дена службеници на МВР се обидоа да го снимаат и рочиштето од судскиот процес „Фабрика за афери“, што наиде на жестока реакција од експертската јавност.


Владата го одбила предлогот на Спасовски да им се попушти на автошколите


Скопје, 11 февруари, 2016 - 15:22 (META) 

Владата на синоќешната седница го одбила предлогот на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да се одложи обврската на автошколите за поставување на камери во возилата за обучување за кандидатите, брифираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Формулацијата на Владата, како што велат од МВР, била дека прелог-законот на Спасовски не е утврден, а објаснувањето било дека повеќето автошколи веќе ја набавиле потребната опрема.

„Ако е така, тогаш зошто автошколите протестираат. МВР се обиде да помогне и да им излезе во пресрет на автошколите, но очигледно Владата нема слух за такво нешто“, велат од МВР.

Според информациите оттаму, Спасовски на 18 јануари поднел предлог-закон за дополнување на Законот за безбедност во патниот сообраќај, донесен во септември минатата година, со кој се бара одложување на примената на законот за една година.

„Со новиот Закон за безбедност во патниот сообраќај автошколите имаат обврска да инсталираат камери во возилата со кои ќе ги снимаат часовите за обука на кандидатите. Дополнително од автошколите се бара да обезбедат софтвер и опрема за чување на снимките, што е дополнителна финансиска импликација“, велат од МВР.

Поради обврската за поставување камери во возилата, автошколите изминативе неколку недели протестираат на булеварот Илинден, пред зградата на Владата.


Дали безбедносните камери го снимиле пукањето на Клинички?


Скопје, 11 ноември, 2015 - 12:59 (META) 

Три дена по вооружениот инцидент, во кој беше ранет лекар хирург на Клиниката за дигестивна хирургија, надлежните не кажуваат дали дивеењето на осомничените било снимено на камерите од видеонадзорот и дали тие воопшто работат.

Во 2008 година, Министерството за здравство набави и инсталираше околу 1.200 камери во Клиничкиот центар и во другите здравствени објекти за што се потрошени околу еден милион евра.

Вчера се обидовме да добиеме одговор од Министерството за здравство, кое пред седум години го реализираше и го промовораше проектот за видеонадзор во здравствените установи и во клиниките, но оттаму нè упатија кај директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, бидејќи, како што ни рекоа од Министерството, секоја клиника посебно била одговорна за камерите.

Денеска, во краток разговор, од директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Александар Караѓозов, не добивме конкретен одговор за тоа дали камерите работат и дали инцидентот бил забележан од видеонадзорот.

– Вчера  разговаравме и проверуваме. Јас уште претходно барав да се реактивираат камерите, барем во ходниците – ни рече Караѓозов.

Го прашавме дали тоа значи дека камерите не работат.

– Работеа. Во моментот дали работат, не знам. Не можам јас да ги прегледувам снимките, за тоа треба да си има човек платен за таа работа – ни рече Караѓозов.

За тоа дали инцидентот е снимен од камерите од видеонадзорот на клиниката и дали при увидот од местото на настанот се подигнати снимки од безбедносните камери за понатамошна анализа, исто така, прашавме и во Јавното обвинителство, кое ја води истрагата за случајот, но до објавувањето на текстот оттаму не добивме одговори.

Камерите во здравствените установи и во клиниките беа пуштени во употреба кон крајот на декември 2008 година.

Како што пишуваа тогаш медиумите, стануваше збор за проект на Министерството за здравство, а министер беше Бујар Османи.

Видеонадзорот, како што објасни тогашниот министер Османи, пишува „Утрински“, се воведе заради поголема ефикасност на здравствениот систем и за подобрување на безбедноста на јавните здравствени установи. Камери има на главните влезови, пред шалтерите, во чекалниците, облничките ходници, централните аптеки и во центрите за зависност.

„Во системот за видеонадзор се 71 локална единица, поставени во 64 здравствени установи и една централна што се наоѓа во просториите на заеднички служби при клиниките. Во централата ќе има само пет авторизирани лица што ќе вршат надзор. Ако некој има потреба од видеозаписите, процедурата ќе оди преку Министерството со посебно барање“, изјавил тогаш Османи.


Жител на Октиси украл камери од џамија во Струга


Струга, 2 ноември, 2015 - 12:36 (META) 

Поради сомневања за сторена кражба, струшката полиција поднела кривична пријава против 40-годишниот М.Д., жител на селото Октиси.

Според полициските информации, осомничениот на почетокот на минатиот месец од ѕидовите на џамијата „Алвети Хасан Баба“ во Струга извадил две камери, чија вредност била проценета на околу 18.000 денари, и ги однел во Октиси.

Четири дена по кражбата, полицијата го открила осомничениот и ги нашла камерите, кои биле одземени и вратени на џамијата.


Јанкулоска за „Монструм“: Камерите се спремни, ама дали ќе завршиме со убиствово?


Скопје, 28 април, 2015 - 17:33 (META) 

„За жал, камерите кога се случи грозоморното убиство не беа во функција и не можевме да сметаме на една ваква технолошки моќна алатка за разоткривањето на најтешкото кривично дело со кое сме се соочиле. Меѓутоа, со несебично залагање на сите припадници на Министерството за внатрешни работи, кои буквално деноноќно работеа на терен од моментот кога се случи убиството до моментот на откривањето на лицата што ги сомничиме за сторено кривично дело тероризам, успеавме да го решиме овој комплициран случај“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, на 7 мај 2012 година, при промоцијата на проектот „Безбеден град“.

Грозоморното убиство за кое зборува Јанкулоска е масакрот кај Смиљковско Езеро, се случи дваестина дена претходно, на 12 април, на Велики четврток, при што беа ликвидирани четири млади момчиња и средовечен рибар.

Едно од прашањата што јавноста ги адресираше до МВР, беше и тоа дали убијците биле уловени од камерите, кои веќе беа поставени на сите сообраќајници на излезите и на влезовите во главниот град.

Во една од снимките што денеска ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, можеше да се слушне разговор меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и директорот на Упрвата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, во кој двајцата зборуваат за промоцијата на проектот и за случајот „Монструм“.

Јанкулоска и Мијалков, според она што го објави Заев, тактизираат околу настанот на 7 мај, и го ставаат во контекст на, како што вели министерката, „другава работа“, односно убиството кај Смиљковци и на истрагата за откривање на сторителите.

Меѓу другото, Мијалков во разговорот вели дека „сакаат да дојдат и Израелците“, што е своевидна потврда дека проектот „Безбеден град“ бил направен во соработка со израелска компанија.

Мијалков: Ок

Јанкулоска: Е, па, добро, важи, за ова договорено.

Мијалков: Ајде.

Јанкулоска: Чекај сеа, и така си на линија, да те прашам. За ова што викаме за центаров, дали воопшто да го отвараме на 7 мај, ми е мене прашањето.

Мијалков: Е па, а, ај, ќе видиме. Колку сте спремни…

Јанкулоска: Знаеш зошто?

Мијалков: Оти сакаат да дојдат и Израелциве.

Јанкулоска: Не бе, за спремни мислам дека немаме проблем, него у контекст на другава работа, знаеш. Нели ние викаме „неаме снимки, неаме ова, неаме она“, а промовираме таков Центар.

Мијалков: Па добро, го отвараме после случкава, шо? До тогаш сме немале.

Јанкулоска: А бе, до тогаш сме немале, него, суштинска разлика е дали нешто до тогаш ќе завршиме со убиствово. Ако завршиме е полн погодок, знаеш.

Мијалков: Да, да, да.

Јанкулоска: Ама, ако не завршиме…

Мијалков: Не, не, не. Тоа…

Јанкулоска: Ај да видиме уште ден два, па ќе се договориме, важи?

Мијалков: Да, важи, важи, ај.

Јанкулоска: Да не прејудицираме сеа. Значи, мене ми беше таа грижа.

Мијалков: Важи.

Јанкулоска: Ок.

Мијалков: Ќе те барам на фиксен.

Јанкулоска: Важи, ајде, чао, чао.

(Овој разговор, според Заев, е воден на 30 април 2012 година.)

Телата на четирите момчиња и на средовечниот рибар беа најдени на 12 април 2012 година, на Велики четврток, околу 22.30 часот, на брегот на Смиљковско Езеро. Обдукцијата на телата утврди дека во нив било стрелано одблиску, со три типа оружје.

Во меѓувреме, полицијата мобилизираше голем број од своите припадници за да превенира ескалација на и онака напнатата атмосфера. Жителите на Радишани ги блокираа локалните улици, а беа оштетени неколку автомобили и дуќани.

Беше формиран и оперативен штаб, кој раководеше со операцијата за откривање и за апсење на сторителите на масакрот.

На 16 април, министерката за внатреши работи, Гордана Јанкулоска, потврди дека автомобилот, марка „опел омега“ со темноцрвена боја, што полицијата го нашла на 10 километри од местото на убиството, бил користен од извршителите.

Околу 1 мај, полицијата изведе обемна акција, под оперативно име „Монструм“, во која беа уапсени дел од обвинетите. Во операцијата учествуваа околу 800 припадници на МВР, од Бирото за јавна безбедност (БЈБ), како и од Упрвата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

По речиси двегодишен судски процес и по неколкукратно одложување на објавувањето на пресудата, на 30 јуни минатата година, за масакрот кај Смиљковско Езеро, на доживотни казни затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ за тероризам, како директни извршители на масакрот, а за планирање и за извршување, доживотен затвор добија Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута.

Првообвинетите Алил Демири и Агим Исмаиловиќ се сè уште во Косово, каде беа уапсени и осудени за поседување оружје. Македонските правосудни органи побараа нивна екстрадиција, од која засега нема ништо.

Пресудите за „Монструм“ предзивикаа жестоки протести на граѓани од албанската заедница, од кои дел беа одбележани со насилство, кое кулминираше со каменување на судот, а неколку полицајци беа повредени. Протестантите сметаа дека пресудата е неправедна и дека целиот случај „Монструм“ е монтиран.


Од три улици во Тетово крадел „ајфони“, камери, цигари…


Тетово, 2 декември, 2014 - 12:57 (META) 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.А. (23) од Тетово, за сторени пет тешки кражби и два обида за тешка кражба. Во периодот од август до октомври 2014 година, на градското подрачје на Тетово, на улиците Илинденска, ЈНА и Страшо Пинџур, пријавениот со употреба на физичка сила и погоден предмет, вршел тешки кражби во супермаркети, продавници, кафулиња и аптеки, при што одзел два „ајфони“, девет УСБ-стикови, камера, дивиди-плеер, парични средства и цигари, сè во вкупна вредност од 235.750 денари.


Веб-страница пренесува снимки од хакирани безбедносни камери, 56 од Македонија


Вашингтон, 8 ноември, 2014 - 15:00 (META) 

На веб-страницата „Инсекам“ (Insekam) собрани се преку 73.000 стримови во живо од безбедносни камери, чии сопственици не ја промениле основната лозинка. Во Македонија има 56 такви сигуроносни камери, кои се поставени во Битола, Гостивар и во Добри Дол.

„Инсекам“ тврди дека емитува стримови од камери од целиот свет, вклучувајќи преку 11.000 од САД. Покрај снимки од паркиралишта, фабрички погони и продавници, на веб-страницата можат да се најдат и стримови од дневни и од спални соби.

„Веб-страницата е дизајнирана за да ја покаже важноста на безбедносните поставки“, пишува во описот на страницата.

Правните експерти велат дека вака поставена, веб-страницата директно го крши законите и прави компјутерска измама, затоа што пробива нечија сметка заштитена со лозинка, па дури и ако се работи за основната, фабричка лозинка.

Оваа веб-страница служи како предупредување, а корисниците кои ќе си ја препознаат снимката од безбедносната камера, лесно можат да го решат проблемот, со едноставна промена на лозинката.