Денеска пратениците во Собранието на пленарна седница треба да одлучуваат по предлог-измените на Законот за полиција кои се однесуваат на снимањето на настани од страна на полицијата, кои се честа појава изминатиов период, особено за време на протестите на граѓанската иницијатива „Протестирам“ и на „Шарената револуција“.

Според материјалот од предлог-измените, објавен на интернет-страницата на Собранието, станува збор за допрецизирање на Законот во делот каде е пропишана можноста полицијата да употребува „технички средства за видео снимање“.

Интересно, како претставници на Владата, која е предлагач на измените се наведени Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи и Митко Чавков, како дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, иако Спасовски повеќе не е министер и на оваа функција од пред десетина дена е именуван токму Чавков. Ова е од причина што предлог измените се подготвени од Владата и доставени до Собранието на почетокот на април.

„Со членот 93-а предвиден со последните измени и дополнувања на Законот за полиција (Службен весник на Република Македонија“ бр.33/15), се уредува можноста Полицијата да употреби технички средства за видео снимање, со кои ќе се обезбеди снимен материјал (видео запис) за начинот на кој се презема конкретно дејствие во рамки на примената на полициските овластувања од страна на полициските службеници.

Снимениот материјал е предвидено да се чува во полицијата шест месеци, по што се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој е предвидено да се постапува во согласност со закон, стои во воведот со оценката на состојбата поради кои се менува Законот.

Со предложените измени се предвидува наместо само „видео запис“, да се допрецизира и терминот „аудио, односно да стои „аудио и видео запис“.

Покрај тоа, со измените, во членот 93-а се додава нов став кој вели дека „при користење на техничките средства за аудио и видео снимање полицискиот службеник е должен да го извести лицето дека преземањето на дејствието е предмет на аудио и видео снимање, освен доколку известувањето на лицето за употреба на аудио и видео снимање го оневозможува или отежнува преземањето на дејствието во рамки на полициското овластување“.

Периодот на чување на снимките, со измените, наместо досегашните 6 месеци, сега се скратува на 45 дена.

Полициски припадници со камери во рацете секојдневно можат да се забележат на протестите на „Шарената револуција, а пред десетина дена службеници на МВР се обидоа да го снимаат и рочиштето од судскиот процес „Фабрика за афери“, што наиде на жестока реакција од експертската јавност.