!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во воздушни напади во Јемен, убиени 23 лица


Сана, 8 ноември, 2017 - 9:56 (META) 

Најмалку 23 лица загинаа во воздушните напади на коалицијата предводена од Саудиска Арабија во јеменската провинција Хаџа, соопштија јеменските власти.

Безбедносните и племенските претставници велат дека мета на нападот биле куќите на локалните шеици, кои ги посетил шефот на врховниот политички совет на бунтовниците Хути, Салех ел Самад. Меѓу убиените има жени и деца.

Саудиските медиуми јавуваат дека во нападите е убиен и Ел Самад, но портпаролот на бунтовниците Хути демантираше.

Провинцијата Хаџа е под контрола на бунтовниците.


Саудискиот принц Мохамед го обвини Иран за директна агресија


Ријад, 7 ноември, 2017 - 17:39 (META) 

Саудискиот принц престолонаследник Мохамед бин Саламан денеска изјави дека тоа што Иран ја снабдува јеменската милиција со ракети е акт на „директна воена агресија“.

Таа агресија, според него, би можела да биде „акт на војна“, пренесуваат денеска саудиските медиуми.

Изјавата на принцот доаѓа откако противвоздушната одбрана на Саудиска Арабија пресретнала и уништила ракета која на Ријад, наводно, ја испукала милицијата Хути, која контролира големи делови на соседен Јемен.

Официјален Техеран ги отфрли како „неодговорни и провокативни“ обвиненијата на Ријад дека се виновни за напад со балистичка ракета од Јемен.


Во воздушен напад во Јемен загинаа 29 цивили


Сана, 1 ноември, 2017 - 12:50 (META) 

Во воздушен напад на северот на Јемен загинаа 29 лица, а повредени се уште 17, соопштија извори блиски до шиитските бунтовници.

Агенцијата „Саба“, која ја контролираат бунтовниците, ја обвини Саудиска Арабија која ја предводи арапската коалиција против шиитите, дека е одговорна за бомбардирањето.

Според истиот извор, сите жртви се цивили, но болнички извори не ги потврдуваат информациите.

Во нападот е погоден пазар во местото Сахар, во провинцијата Саада, која е упориште на шиитските бунтовници.

Во Јемен војуваат меѓународно признаената влада и шиитските бунтовници, сојузници на поранешниот претседател Али Абдулах Салех, поддржуван од Иран.


Саудиски воен хеликоптер се урна во Јемен, 12 лица загинаа


Сана, 18 април, 2017 - 18:47 (META) 

Најмалку 12 лица загинаа при уривање на саудиски воен хеликоптер во Јемен, јави саудиската новинска агенција СПА.

Сè уште се истражува причината за падот на хеликоптерот, кој се урна во покраината Мариб, источно од Сана.

Ова е една од најголемите човечки загуби на саудиските сили во поединечен инцидент откако коалицијата на арапски држави поведе воени операции против движењето Хути во 2015 година, во обид да го врати на власт претседателот Абдурабу Манус Хади.


Повеќе од 40 сомалиски мигранти убиени во близина на брегот на Јемен


Сана, 18 март, 2017 - 10:57 (META) 

Повеќе од 40 сомалиски мигранти, меѓу кои имало жени и деца, биле убиени ноќеска во близина на брегот на Јемен, додека биле превезувани со чамец, јавуваат светските агенции.

Чамецот, со околу 140 мигранти од Сомалија, бил погоден од лесно оружје во близина на пристанишниот град Ходеда, на западниот брег на Јемен, соопштила канцеларијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Чамецот, и покрај нападот, успеал да доплови до пристаништето, кое е под контрола на бунтовниците Хути.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападот. Бунтовниците за нападот ја обвинуваат арапската коалиција, која, пак, ги отфрла ваквите наводи.

Во чамецот, како што објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Јемен, биле пронајдени телата на 42 лица.

Според управата на пристаништето, преживеаните мигранти заедно со тројца јеменски шверцери биле уапсени.


Осум загинати во самоубиствен напад во Јемен


Сана, 24 февруари, 2017 - 12:18 (META) 

Најмалку осум јеменски војници загинаа, а 10 се повредени во самоубиствен напад во јеменскиот град Зинџибар, соопштија локалните власти.

Нападот бил изведен од бомбаш самоубец облечен во униформа. Тој го активирал автомобилот бомба пред влезот на воениот камп.

Се претпоставува дека напаѓачот е член на Ал каеда.


Осум жени и едно дете убиени во воздушен напад кај Сана


Сана, 16 февруари, 2017 - 10:57 (META) 

Најмалку осум жени и едно дете се убиени синоќа за време на воздушен напад извршен во селото Шарах, кое се наоѓа на 40 километри од јеменскиот главен град Сана.

Како што соопштија медицински извори, нападот бил изведен во зона под контрола на бунтовниците.

Шиитските бунтовници Хути, кои го држат под контрола главниот град Сана и поголем дел од северен Јемен, ја обвинија арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија, се одговорни за нападот во кој се ранети уште 10 жени.

Портпаролот на арапската коалиција засега не ги коментира ваквите обвинувања.

Пробунтовничката новинска агенција „Саба“, соопшти дека нападот бил насочен врз куќата на Мохамед ал Наки, во која се одржувал помен.


Самоубистен напад во Адена, убиени 30 јеменски војници


Адена, 18 декември, 2016 - 10:55 (META) 

Триесет јеменски војници денеска загинаа во Адена откако бомбаш самоубиец се саморазнесе пред воена база во североисточниот дел на градот, соопштија воени и болнички извори од Јемен.

Како што јавуваат странските медиуми, мета на нападот биле војниците кои се собрале да примат плата во воената база.

– Напаѓачот ненадејно се појави меѓу војниците во базата Ал Солбан – изјави неименуван воен извор.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава.


Во воздушни напади во Јемен, загинаа 21 цивил


Сана, 23 ноември, 2016 - 11:48 (META) 

Дваесет и едно цивилно лице загинаа во денешните воздушни напади во северозападниот дел на Јемен, извршени од арапската коалиција, предводена на Саудиска Арабија.

Како што јавуваат светските медиуми, жртвите патувале со пикап-возило кон локалниот пазар во регионот Хиран во северозападната провинција Хиџах, која е под контрола на шиитските бунтовнци Хути, кои ја имаат поддршката од Иран.

И покрај илјадниците воздушни напади на арапската коалиција,при кои беа погодени училишта, пазари, болници и домови и загинаа голем број цивили, владините сили не успеаја да ги потиснат Хутите од главниот град Сана.

За време на 20-месечниот конфликт, загинаа најмалку 100.000 лица.


Саудиска Арабија е против продолжување на примирјето во Јемен


Сана, 21 ноември, 2016 - 16:01 (META) 

Дводневното примирје по двогодишната војна во Јемен истече денеска напладне и нема да биде обновено, рече портпаролот на коалицијата што ја предводи Саудиска Арабија.

Примирјето кое еднострано го објави саудиската коалиција, не помогна да се запрат борбите во земјата меѓу Хутите, кои ги поддржуваат Иран и коалиционите сили.

И двете страни меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето.

Во текот на 20 месеци, откако трае конфликтот, загинаа повеќе од 10.000 лица, а се раселени повеќе од три милиони.

Жителите на главниот град Сана изјавиле дека авиони на саудиската коалиција утринава бомбардирале воени бази на ридовите околу градот и оти од експлозиите се треселе станбените згради.

Сана е под контрола на Хутите, кои контролираат и големи делови од Јемен, без разлика на воената кампања на саудиската коалиција.
Саудиска Арабија се обидува да го врати на власт прогонетиот претседател на Јемен, Абда Раба Мансур ал Хади.