САД и Британија бомбардираа воени бази во Јемен, каде избија масовни протести

Нападите се одговор на нападите врз бродови во Црвеното Море изминатите месеци од страна на Хутите, екстремистичката организација која го управува Јемен

Фото: Израелски брод во Црвеното Море IDF Spokesperson's Unit

Вчеравечер воените сили на САД и Обединетото кралство бомбардираа воени бази во Јемен, известува Би-би-си. Нападите се одговор на нападите врз бродови во Црвеното Море од страна на Хути, екстремистичката организација која го управува Јемен. Нападите на Хути започнаа по војната во Газа и нивната иницијална цел беше да се спречи гориво и други ресурси да стигнат до Израел. Всушност, беа таргетирани секакви бродови.

Забележани се бомбардирања во главниот град Сана, Дамар, Саада и пристаништето Худајда во Црвеното Море. Според министерството за одбрана на Обединетото кралство, биле таргетирани локации од кои се лансирале ракети. Министерството ја прогласи својата мисија како успех.

Премиерот на Обединетото Кралство Риши Сунак ги опиша нападите како „ограничен, потребен и пропорционален чин на само-одбрана“.

Заменик министерот за одбрана на Хутите, пак, ги предупреди САД и Британија дека ќе „платат висока цена“ за нападите.

Како последица на бомбардирањата, избија масовни протести во Јемен. Според Би-би-си, иако не се толку ретки демонстрациите во арапската држава, ретко се толку масовни како денешните.

Демократските конгресмени Ро Кана и Вал Хојл, пак, го критикуваа претседателот на САД, Џо Бајден што ја донел одлуката без да се консултира со конгресот. Велат оти бомбардирањето ги отвора вратите за повторно инволвирање на САД во конфликт на Блискиот Исток.

Дополнително, не е јасно дали бомбардирањата всушност ќе придонесат во намалување на бројот на напади од Хути. Напротив, лидери од Хути веќе го користат нападот за да добијат поддршка како единствените сили во регионот кои вистински му се спротивставуваат на Израел.

Хути велат дека Црвеното Море останува безбедно за бродови кои не патуваат до Израел и дека ќе престанат со своите напади само кога ќе се обезбеди примирје во Газа.

На копно во Газа, примирјето се чини како далечна реалност, каде бројот на жртви достигна речиси 23.500. Според хуманитарната организација Оксфам, просечниот број на луѓе убиени во еден ден е далеку повисок од кој било друг конфликт во 21 век, односно 250 убиени луѓе дневно. Следните највисоки стапки се 96,5 во Сирија, 51,6 во Судан, 50,8 во Ирак, 43,9 во Украина, 23,8 во Авганистан и 15,8 во Јемен.