!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Пронајден мртов маж во тетовско Палчиште


Тетово, 22 март, 2017 - 15:20 (META) 

Мртов маж е пронајден во тетовското село Палчиште, во канал меѓу две ниви во местото Пропаст, информираат од тетовската полиција.

Се работи за 77-годишен маж од селото. Телото го пронашле неговите внуци, кои веднаш го пријавиле случајот во полиција.

Јавен обвинител, екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово и лекар по судска медицина извршиле увид. На безживотно тело немало пронајдени траги на насилство. Со наредба на јавен обвинител, телото му е предадено е на семејството.

Седумдесет и седумгодишниот човек претходниот ден се оддалечил од дома и бил пријавен за исчезнат, а подолго време се соочувал со одредени здравствени проблеми.


Битолчанец, кој бил пријавен за исчезнат, пронајден мртов


Битола, 19 март, 2017 - 12:36 (META) 

Вчера во 12.35 часот во Секторот за внатрешни работи Битола било пријавено дека на улицата Партизанска бил пронајден починат 68-годишниот М.Ј. од Битола, соопшти МВР.

Како што информираат од полицијата, М.Ј. на 12 март оваа година бил пријавен за исчезнат.

По наредба на надлежен јавен обвинител, телото на починатиот било предадено за обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта.


Пронајден исчезнатиот планинар


Кавадарци, 3 март, 2017 - 15:19 (META) 

Планинарот исчезнат близу Тиквешко Езеро, е пронајден вчера жив во близина на селото Шешково, соопшти полицијата.

К.К. од Скопје бил исчезнат три дена, а завчера биле пронајдени неговите четворица придружници, од кои тој се одвоил.

По пронаоѓањето, К.К. бил однесен во Здравствен дом – Кавадарци, каде е констатирано дека се наоѓа во добра психофизичка состојба.


Исчезнал планинар во тиквешко Мариово


Галиште, 2 март, 2017 - 12:57 (META) 

Планинар е исчезнат веќе четврти ден во тиквешко Мариово и по него се трага, а полицијата вчера спасила четворица негови придружници, кои биле без храна и вода близу врвот Орле кај селото Галиште.

Пријавата е добиена вчера попладне, па бил ангажиран хеликоптер. Спасувачката екипа пронашла четворица скопјани на возраст од 19 до 33 години, кои кажале дека два дена претходно загубиле контакт со петтиот член на групата.

МВР известува дека се прават напори за пронаоѓање на исчезнатиот.


Исчезна 15-годишен штитеник од Детско село


Скопје, 2 јануари, 2017 - 13:40 (META) 

Петнаесетгодишен штитеник од СОС Детско село исчезнал завчера, соопшти полицијата.

„Вчера, во 1 часот, во полициската станица Чаир, социјален работник од Програмата за грижа на млади СОС Детско село во Скопје, пријави дека на 31 декември, околу 20 часот, петнаесетгодишник ја напуштил установата и не се вратил“, информираат од МВР.

Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на исчезнатото лице.


Исчезна грчкиот амбасадор во Бразил


Атина, 30 декември, 2016 - 8:54 (META) 

Грчкиот амбасадор во Бразил, Кирјакос Амиридис, е исчезнат една недела и постои сомнение дека е убиен за време на неговиот одмор во Рио де Жанеиро.

Грчките медиуми пренесуваат информација од „Ројтерс“ дека бразилската полиција нашла јагленосано тело во автомобил со регистарски таблички кои одговараат на регистрацијата на автомобилот што во Рио де Жанеиро го изнајмил амбасадорот. Засега нема официјална потврда дека изгореното тело е на грчкиот амбасадор.

Пронајденото тело е однесено на вештачење и се очекуваат официјални информации од бразилските и од грчките власти. Белиот автомобил во кој е најдено телото бил пронајден изгорен.

Во грчките медиуми вчеравечер протече вест дека грчката амбасада трага по амбасадорот кој е исчезнат три дена откако бил заминат на зимски одмор во Рио де Жанеиро. Според информации во „Катимерини“, амбасадорот го снемало по посета на една фавела во Рио де Жанеиро.

Откако „трилерот“ со исчезнувањето на амбасадорот беше објавен во грчките медиуми, информацијата ја потврди и грчкото министерство за надворешни работи.

Во соопштението се вели дека грчката амбасада во Бразил била известена вчера од семејството на амбасадорот дека од 26 декември не се во можност да стапат во контакт со него. Амбасадата и грчкото МНР веднаш побарале од бразилските власти да поведат истрага за да се најде амбасадорот.

Амиридис е професионален дипломат и долги години е дел од грчкото МНР. Бил амбасадор во Европската Унија, Либија, од 2001 до 2004 бил конзул во Рио де Жанеиро, а за амбасадор во Бразил беше поставен во јануари 2015 година.


Битолчанецот што беше пријавен за изчезнат, пронајден жив и здрав


Битола, 7 ноември, 2016 - 14:16 (META) 

Битолчанецот, кој викедов беше пријавен за исчезнат, бил пронајден во атарот на селото Мусинци, во добра здравствена состојба, информираат од полицијата.

Дваесет и седумгодишниот И.В.,неколку часа откако пријавил дека неговиот татко изчезнал, повторно се јавил во СВР Битола и пријавил дека вчераутро, околу 7.30 часот, го пронашле во атарот на Мусинци.

Според информациите, битолчанецот бил во добра здравствена состојба, но се загубил поради густата магла.


Вчера попладне исчезнал битолчанец


Битола, 6 ноември, 2016 - 12:22 (META) 

Во 1.50 часот по полноќ, 27-годишен битолчанец пријавил дека вчера, во 17 часот, од дома во непознат правец се оддалечил неговиот татко Љ.В.

МВР информира дека презема мерки за пронаоѓање на исчезнатиот маж.


Швајцарски борбен авион исчезна над Алпите


Берн, 29 август, 2016 - 20:28 (META) 

Борбен авион на швајцарските воздухопловни сили, кој ги надлетувал Алпите, исчезнал денеска попладне, соопшти швајцарското министерство за одбрана.

– Веднаш почнавме со потрага. Засега не се знае што се случува со пилотот – соопшти министерството.

Авионот „Ф/А-18 Ц“ се води како исчезнат од 18.30 часот по централноевропско време во областа Систен.

Во јуни годинава, двајца швајцарски ловци од типот „тигер Ф-5Е“ се судрија за време на обука во Холандија, а еден од авионите се запали и се урна. Пилотот успеа да се катапултира.

Во 2013 година, пак, авион „Ф/А-8“ на швајцарската војска удри во планина во центарот на Швајцарија, при што загинаа пилот и патник.


Авион со 21 патник исчезна над Непал


Катманду, 24 февруари, 2016 - 9:54 (META) 

Најмалку 21 патник денеска исчезна во планинскиот дел на западот на Непал, соопштија властите.

Авион во сопственост на компанијата „Тара ер“ бил на пат од местото Похара кон Џомсом, а контактот со леталото е изгубен непосредно по полетувањето. Се верува дека два патника биле странци, а во авионот имало и две деца.

Потрагата по исчезнатото летало е отежната поради лошите временски услови. Похара е одморалиште, оддалечено околу 200 километри западно од главниот град Катманду.

Џомсом е појдовна точка за многу туристи, кои ги посетуваат Химелаите. Меѓу ови две места нема аеродром.