Се урна патнички авион со 189 луѓе во Индонезија


Џакарта, 29 октомври, 2018 - 9:35 (META) 

Патнички авион „Лион Ер Боинг 737 Макс 8“ со 189 патници и членови на екипаж ноќеска се урна во море само неколку минути по полетувањето од меѓународниот аеродром во Џакарта.

Спасувачите пронашле остатоци од авионот во близина на Караванг во провинцијата Западна Јава, на околу 70 километри источно од Џакарта, изјави шефот на националната агенција за пребарување и спасување на Индонезија, Мухамед Сјауги.

Се верува дека трупот на авионот е на дното на морето на длабочина од околу 35 метри.
Авионот требало да лета до Пангал Пинанг, главниот град на Бангка Белитунг Острови, но изгубил контакт со контролата на летање 13 минути по полетувањето.

Компанијата „Лион Ер“ изјави дека конкретниот авион е направен во 2018 година, а компанијата го поседува од 15-ти август оваа година.

Предмети за кои се верува дека припаѓаат на патниците се пронајдени во водата, меѓу кои лични карти и возачки дозволи, објави агенцијата за пребарување и спасување на „Твитер“.


Бројот на загинати во земјотресот во Индонезија се искачи на 436


Џакарта, 13 август, 2018 - 10:19 (META) 

Бројот на загинати во земјотресот на индонезискиот остров Ломбок порасна на 436, а причинетата материјална штета се проценува на стотици милиони долари.

Повеќето жртви од земјотресот со магнитуда од 7 степени што го погоди Ломбок на 5 август загинаа во урнати згради, велат надлежните.

Властите на Индонезија наведоа дека во земјотресот се оштетени куќи и други објекти, како и инфраструктура, а дека материјалната штета изнесува најмалку 342 милиони долари.

Околу 350.000 жители на островот Ломбок беа принудени да ги напуштат своите домови.


Најмалку осуммина удавени по потонување на брод во Индонезија


Џакарта, 1 јануари, 2018 - 14:18 (META) 

Најмалку осум лица ги загубиле животите, а 13 се водат за исчезнати откако брод со 48 патници, меѓу кои и деца, потонал денеска покрај брегот на индонезискиот остров Калимантан.

Останатите патници се спасени. Бродот пловел од Танџунг до Таракан од индонезиската страна на островот Борнео, каде се превртел и потонал.Засега не е позната причината за несреќата.


Пожар во фабрика за пиротехника во Индија: 23 загинати и 43 повредени


Џакарта, 26 октомври, 2017 - 12:52 (META) 

Најмалку 23 лица загинаа, а десетици се повредени во експлозија на пожар во фабрика за пиротехника во Индонезија, соопшти полицијата.

Пожарот избил околу 9 часот по локално време, во индустриски комплекс во предградие на Џакарта, главниот град на Индонезија.

Засега не е знае точниот број на жртвите.

– Во фабриката работат вкупно 103 лица – изјави директорот на одделот за општ криминал во полицијата на Џакарта.
Тој рече дека 43 лица се повредени и се хоспитализирани во три болници, а пронајдени се остатоци на 23 жртви.


Силен земјотрес ја погоди Индонезија


Џакарта, 12 јуни, 2017 - 11:07 (META) 

Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала ги погоди западните делови на индонезискиот остров Јава, а потресот се почувствувал и во Џакарта, што создало паника кај граѓаните. Засега нема информации за евентуална штета и за повредени. Нема опасност од цунами.

Американскиот геолошки институт објави дека земјотресот е регистриран во Индискиот Океан, на 97 километри од островот и на длабочина од 10 километри.

Во разорниот земјотрес, а потоа и цунамито што се случија во 2004 година, загинаа повеќе од 230.000 лица во 12 земји. Повеќето жртви беа од индонезиската провинција Аче.

 


Силен земјотрес го погоди Бали


Данпасара, 22 март, 2017 - 9:53 (META) 

Земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала утринава го потресе Бали, без да предизвика материјална штета, но создаде паника кај туристите кои набрзина ги напуштале хотелите.

Потресот се случил нешто по 7 часот по локално време. Епицентарот бил околу 20 километри североисточно од главниот град Данпасара, на длабочина од 118 метри, во близина на популарното одморалиште на југот на земјата.

Индонезија се наоѓа на таканаречениот „огнен прстен“, каде се судираат тектонските плочи, што предизвикува чести сеизмички и вулкански активности.


Тројцата осомничени за убиството на Ким Конг-нам побегнале во Дубаи


Џакарта, 20 февруари, 2017 - 10:08 (META) 

Најмалку три до четири севернокорејски државјани, за кои се трага поради поврзаност со убиството на Ким Јонг-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, побегнале со лет од Џакарта за Дубаи истата вечер кога е извршено убиството, соопшти индонезиски претставник на миграциските служби, Аџунг Сампурно.

– Тројцата осомничени со летот во 22.20 часот по локално време, вечерта кога Ким Јонг-нам е убиен, со лет на емиратска компанија заминале за Дубаи, додека судбината на четвртиот осомничен не е позната – рече Сампурно.

Малезиските медиуми јавуваат дека четворицата осомничени побегнале за Пјонгјанг преку Џакарта, Дубаи и Владивосток.


Два земјотреса ја погодија Индонезија


Џакарта, 16 февруари, 2017 - 10:35 (META) 

Девет лица се повредени во двата земјотреса што денеска ја погодија индонезиската провинција Аче.

Како што јавуваат локалните медиуми од земјотресите се оштетени се две куќи во дистриктот Пиди Џаја, во чија близина бил и епицентарот на потресите.

Американскиот геолошки завод соопшти дека земјотресите со јачина од 5,1 и 5,6 сптемени според Рихотеровата скала се случиле околу 3.00 часот наутро по локално време.


Дванаесет загинати во свлечиште на Бали


Џакарта, 10 февруари, 2017 - 10:19 (META) 

Во свлечиште на островот Бали загинаа 12 лица, меѓу кои има и деца, јави денеска агенцијата за вонредни ситуации во Индонезија.

Свечиштата однеле куќи во три села во планинскиот регион Бангли, а предизвикани се од долготрајните тропски дождови, соопшти портпаролот на агенцијата, Сутопо Нугрохо.

Меѓу загинатите во селото Сонган се и едногодишно момче, седумгодишно девојче и нивната мајка. Во селото Аван загинале четири лица, а во Сукавани пријавена е една жртва.

Агенцијата соопштила дека многу веројатно е дека на популарниот туристички остров ќе продолжи да паѓа пороен дожд и ги предупреди луѓето да бидат подготвени за можни поплави и за свлечишта.


Во Индонезија уапсени 17 осомничени џихадисти


Џакарта, 23 јануари, 2017 - 13:44 (META) 

Индонезиската полиција уапсила 17 лица кои се осомничени дека се поврзани со Исламска држава, а кои Турција ги протера во страв дека ќе ја минат границата со Сирија.

Неколку стотини државјани на Индонезија, која е најголема муслиманска земја во светот, дошле на Блискиот Исток за да ѝ се приклучат на ИД, поради што властите стравуваат дека може да претставуваат закана по враќањето во земјата.

Осомничените, меѓу кои има и малолетници, се уапсени на аеродромот во Џакарта, веднаш по доаѓањето од Истанбул.