Фото: Steven Cornfield on Unsplash

Португалија, Австралија, Индонезија и рускиот главен град Москва регистрираат наголемувачки бројки на заболени лица од ковид-19 како последица на делта сојот, кој првично беше регистриран во Индија. Португалија минатата недела воведе нови рестрикции, наредувајќи им на рестораните во Лисабон да затворат порано од нивното работно време. Дури 70 отсто од новозаболените лица од ковид-19 во Лисабон се заразени со делта сојот, пренесува „Гардијан“.

Во Португалија засега се вакцинирани околу 30 отсто од целокупното население, што му овозможува на вирусот да се шири меѓу жителите на оваа земја. Како последица на ширењето на ковид-19, Германија забрани влез на португалски граѓани на нејзината територија, со исклучок на германските државјани, кои треба да поминат двонеделен карантин по влезот во земјата.

Во рускиот главен град Москва вчера се регистрирани рекордни 144 смртни случаи како последица на ковид-19, што резултираше со повторен повик од московскиот градоначалник Сергеј Собјанин до жителите што побрзо да се вакцинираат.

Во австралискиот град Сиднеј бројот на новозаразени од делта сојот се зголеми на 128 лица, а случаи на новозаболени се регистрирани и во Западна Австралија, Квинсленд и Северната Територија, јавува Би-би-си. 

Во меѓувреме, корона вирусот забрзано се шири и во југозападна Азија. Индонезија регистрираше 21.000 новозаболени лица на дневно ниво, додека болниците во Џакарта и другите индонезиски градови се преполни со пациенти. Тајландските власти вчера соопштија дека воведуваат нови строги рестриктивни мерки во главниот град Бангкок за рестораните, градилиштата и планираните собири.

Во Македонија досега се регистрирани две новозаболени лица од делта сојот на ковид-19, при што апелите на овдешните власти и лекари е граѓаните да се вакцинираат како единствена опција за да се избегне евентуален нов бран со високи бројки на новозаболени од ковид-19.