!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Гутереш: Раселувањето на Рохинџа-муслиманите е етничко чистење


Њујорк, 13 септември, 2017 - 19:28 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денеска ги повика властите во Мјанмар да ги прекинат воените операции и да стават крај на насилството кон муслиманите Рохинџа, нагласувајќи дека целата ситуација го дестабилизира регионот.

Гутереш истакна дека раселувањето на речиси една третина од вкупната популација на муслиманскиот народ Рохинџа во Мјанмар може да се нарече етничко чистење.

Околу 370.000 муслимани Рохинџа изминатите неколку дена побегнаа од Мјанмар во Бангладеш.

„Хуманитарната ситуација е катастрофална“, изјавил Гутереш и побарал од меѓународната заедница помош за раселените во храна, лекови и вода.


Москва: Неосновани се тврдењата на Турција за етничко чистење


Москва, 10 декември, 2015 - 13:31 (META) 

Москва ги отфрли обвиненијата на Турција дека спроведува етничко чистење на противниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Портпаролката на министерството за надворешни работи, Марија Закхаровам изјави дека обвиненијата се неосновани.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу еден ден претходно изјави дека Русија се обидува да изведе етничко чистење на северот на Сирија, во подрачјето Латакија, за да ги протера локалните Туркмени и сунити.

Односите меѓу Москва и Анкара се влошени откако турските воздухопловни сили урнаа руски борбен авион на сириска територија, во близина на турската граница. Турција тврди дека авионот го нарушил нејзиниот воздушен простор, а Русија го негира тоа.


Давутоглу ја обвини Русија дека спроведува кампања за етничко чистење во Сирија


Анкара, 9 декември, 2015 - 20:56 (META) 

Ахмет Давутоглу, премиерот на Турција, денеска ја обвини Русија дека спроведува кампања за етничко чистење во Сирија и помага во зајакнувањето на џихадистите од Исламска држава.

– Русија се обидува етнички да ја исчисти северна Латакија за да протера припадници на турската и на сунитската популација кои немаат добри односи со сирискиот режим – изјави Давутоглу.

Турските власти наведуваат дека руските воени напади во Сирија придонеле за зајакнување на Исламска држава бидејќи, како што тврдат, пукале во припадници на умерената сириска опозиција.