Министерот за дијаспора ги повика иселениците да гласаат на референдумот


Скопје, 10 август, 2018 - 15:38 (META) 

Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, упати јавен повик до иселениците да го искористат своето право и да гласаат на претстојниот референдум.

„Имаме граѓанска одговорност да донесеме правилна одлука, да излеземе и со нашиот глас да придонесеме кон заедничка, подобра иднина. Сплотени, со здружени сили, заедно можеме да ја обезбедиме иднината на нашите деца. Одлуката зависи исклучиво од нас самите, наша е одговорноста. Вие одлучувате, дали Република Македонија ќе биде членка на Европската Унија (ЕУ) и НАТО, со прифаќање на договорот со Република Грција. Имаме граѓанска одговорност. Сега е време за одлука“, се вели во повикот на Адеми.

Пријавувањето на иселениците започна вчера и ќе трае до 23 август, на веб-страната на Државната изборна комисија. Референдумот ќе се одржи на 30 септември. Прашањето ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.


СДСМ: Се грижиме за дијаспората и мотивираме соработка


Брисел, 9 октомври, 2016 - 17:08 (META) 

Членовите на извршниот одбор на СДСМ, Едмонд Адеми и Аднан Џафероски, се сретнале со македонски државјани во Брисел кои живеат и работат во Белгија.

На средбата се разговарало за актуелната политичка состојба во Македонија, за фокусираноста на СДСМ на организирање и на одржување регуларни избори во декември.

На средбата Адеми и Џафероски соопштиле и повеќе мерки со кои се отвора шанса за граѓаните кои заминале од Македонија да можат да се вратат. Една од нив е директна поддршка од државата на третина од инвестицијата на повратник од странство, ако со неа бидат вработени најмалку 10 лица.


Спасовски: Со 20 милиони евра се отвораат четири фабрики и се вработуваат 4.000 луѓе


Кочани, 5 февруари, 2016 - 20:16 (META) 

Генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска се сретнал со граѓаните на Кочани и на Кочанско.

На средбите се разговарало за проблемите со кои се соочуваат тие, како и за актуелната политичка ситуација во земјава.

– Дури 20 милиони евра завршиле во провладините медиуми за само три години. Со 20 милиони евра се решаваат многу проблеми. Еве, и тука кај вас, инфраструктурата може да се подобри, многу работи може да се решат. Само со овие 20 милиони евра можеа да се отворат четири фабрики и да се вработат 4.000 граѓани. Наместо за решавање на проблемите на граѓаните и за отворање нови работни места, 20 милиони евра отидоа за пропаганда и за нарачани прилози – истакнал Спасовски.