!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Бан Ки-мун нема да се кандидира за претседател на Јужна Кореја


Сеул, 1 февруари, 2017 - 10:56 (META) 

Поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, објави дека нема да се кандидира за претседател на Јужна Кореја и дека се повлекува од политиката.

Бан тоа го соопшти на претходно ненајавена прес-конференција во парламентот, по состанокот со лидерите на конзервативните партии, јавува јужнокорејската агенција „Јонхап“.

– Се повлекувам од политиката. Жал ми е што разочарав многу луѓе – рече Бан, додавајќи дека е разочаран од потезите на политичкиот естаблишмент во земјата, но не изнесе детали.

Бан минатиот месец се врати во Јужна Кореја и на големо се очекуваше дека ќе биде кандидат на годинешните претседателски избори. По враќањето во Сеул, Бан најави дека наскоро ќе донесе „несебична одлука“ во врска со својата политичка кариера.


Бан Ки-мун се врати во Јужна Кореја, навестува претседателска кандидатура


Сеул, 12 јануари, 2017 - 11:44 (META) 

Поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, денеска се врати во својата земја, Јужна Кореја, каде многумина очекуваат да се кандидира за претседател на земјата.

Бан пристигна во Сеул, а стотина приврзаници го пречекаа на аеродромот, извикувајќи го неговото име. Тој во обраќањето, кое го пренесуваше државната телевизија, рече дека ќе се посвети на постигнување национално единство.
Бан Ки-мун и претходно има давано слични изјави, но аналитичарите сметаат дека со тоа ги навестува своите амбиции да се кандидира за претседател.

Анкетите покажуваат дека Бан Ки-мун е еден од фаворитите да ја наследни претседателката Парк Гуен-хје, на која на 9 декември ѝ беше изгласана недоверба и привремено е отповикана поради корупциски скандал. Уставниот суд сега треба да одлучи дали и официјално ќе стави крај на нејзиниот мандат и ќе свика нови избори.


Португалецот Антонио Гутереш од денеска ја презема функцијата генерален секретар на ОН


Њујорк, 1 јануари, 2017 - 11:52 (META) 

Поранешниот премиер на Португалија, Антонио Гутереш, од денеска ја презема функцијата генерален секретар на Обединетите нации.

Гутереш доаѓа на местото на Бан Ки-мун, кој два мандати беше генерален секретар на светската организација.

Положувајќи заклетва на 12 декември, тој оцени дека ОН мораат да се подготват за промени.

– Од акутните кризи во Сирија, Јемен, Јужен Судан и во други места, до долгогодишните спорови, вклучувајќи го израелско-палестинскиот конфликт, потребно ни е посредување, арбитража и креативна дипломатија – изјави тогаш Гутереш.

Еден од неговите приоритети ќе биде подобрувањето на положбата на жените, така што веќе именуваше три жени на клучни позиции во својот тим.

Гутереш е деветтиот генерален секретар на ОН во 71-годишната историја на ОН.


Сè помали се изгледите за мир на Блискиот Исток, оцени Бан Ки-мун


Њујорк, 30 ноември, 2016 - 12:15 (META) 

Генералниот секретар на обединетите нации, Бан Ки-мун, рече дека меѓународната заедница мора јасно да каже дека и понатаму е посветена на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците, затоа што изгледите за мир „можат да се лизнат од раце“.

Бан, чиј десетгодишен мандат завршува за еден месец, синоќа издаде соопштение во пресрет на состанокот на Генералното собрание на ОН, кое го сочинуваат 193 земји, по повод Меѓународниот ден на солидарноста со палестинскиот народ.

Тој наведе дека поради настаните од последната година, вклучувајќи ги и двата неуспешни обида во преговорите за договор и вооружените судири, Палестинците и Израелците се фрустрирани и разочарани.

„Тоа им даде сила на радикалите и ги ослабна умерените на двете страни. Тоа што ги прави работите уште полоши е опасниот вакуум во меѓународната заедница затоа што кризите во другите места го одвлекуваат вниманието на светските лидери“, рече Бан.

Палестинците сакаат да основаат независна држава на Западниот Брег и во Појасот Газа, со источен Ерусалим како главен град на државата. Израел ги освои овие територии во шестдневната војна во 1967 година и на Западниот Брег и во анектираниот источен Ерусалим сега живеат околу 600.000 еврејски населеници.


Бан Ки-мун во посета на Хаити, апелира на итна помош


Порт о Пренс, 16 октомври, 2016 - 12:36 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, е во посета на Хаити и на областа што беше погодена од налетот на ураганот Метју.

Тој апелираше на итна помош, која му е неопходна на народот што живее на погоденото подрачје.

Генералниот секретар на ОН за време на посетата ќе се сретне со претставници на државните и на локалните власти, претставници на загрозените заедници и на хуманитарните работници.

Обединетите нации апелираат сите да учествуваат во собирање на 120 милиони долари, колку што е потребно да се помогне на Хаити, држава која се соочува со најголема хуманитарна криза од земјотресот во 2010 година.

Досега собрани се само 6,1 милион долари, што е пет отсто од вкупната сума.

Најмалку 473 лица загинаа кога ураганот Метју го погоди крајбрежјето на Хаити на 4 октомври.


Гутереш и официјално е новиот генерален секретар на ОН


Њујорк, 13 октомври, 2016 - 17:46 (META) 

Генералното собрание на Обединетите нации, во кое има претставници на 193 држави, денеска едногласно го именуваше поранешниот премиер на Португалија, Антонио Гутереш, за нов генерален секретар на светската организација, јавуваат светските агенции.

Советот за безбедност на ОН минатата недела едногласно го номинираше 67-годишниот Гутереш на местото на Бан Ки-мун, чиј петгодишен мандат истекува на 31 декември.

Со денешното гласање на генералното собрание, Гутереш и официјално стана деветтиот генерален секретар на ОН во 71-годишната историја на светската организација.

Освен што беше премиер на Португалија, од 1995 до 2002 година, Гутереш десет години ја извршуваше функцијата висок комесар за бегалци на ОН, од 2005 до 2015 година.


Бан Ки-мун бара истрага за воените злосторства во Сирија


Њујорк, 10 октомври, 2016 - 19:45 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, побара од Советот за безбедност за упати и официјален повик до Меѓународниот кривичен суд за да почне истрага за воените злосторства во Сирија.

Ова не е првпат Бан да упати вакво барање. Во 2014 година тоа барање го блокираа Русија и Кина, кои имаат право на вето.

Бан, меѓутоа, рече дека Советот за безбедност треба повторно да се обиде.

За тешката ситуација во Алепо, Бан изјави дека е разочаран што Советот за безбедност не презел никаква акција на состанокот во саботата, кога беа отфрлени две резолуции.


Ѓорге Иванов и Бан Ки-мун разговараа за бегалската криза и за спорот со името


Њујорк, 24 септември, 2016 - 20:55 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на 71. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун.

– Чест и привилегија беше можноста да соработувам со Вас изминатите години, Вие сте еден од највидливите и најактивните лидери – истакна Бан за претседателот на Република Македонија, поздравувајќи го лидерството на Иванов на теми од важност за Обединетите нации како климатските промени, Алијансата на цивилизациите, одржливиот развој, мигрантската криза.

Како што соопштија од кабинетот на Иванов, на средбата биле разменети мислења за актуелните предизвици со кои се соочуваат Обединетите нации, состојбите во Република Македонија и во регионот, како и за разликата околу името и процесот што се води во рамки на Обединетите нации.

Иванов ја поздравил иницијативата за одржување состанок на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации за големите движења на бегалци и на мигранти, прашања што, според претседателот, бараат заеднички пристап и координирана акција.

Македонскиот претседател и генералниот секретар размениле мислења за состојбите во Македонија и во регионот на Југоисточна Европа, особено во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Во однос на разликата за името, Иванов ја истакнал подготвеноста на Република Македонија за конструктивно учество во процесот што се води под покровителство на Обединетите нации, во рамки на меѓународното право, Привремената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Иванов ги поздравил зачестените контакти, како и мерките за градење доверба кои треба да се прошируваат.

– Со дијалогот и со мерките се создава позитивен амбиент кој помага за враќање на довербата и за подобро разбирање – истакна Иванов.

На крајот од неговиот втор мандат како Генерален секретар на ОН, претседателот Иванов го пофалил лидерството на Бан Ки-мун и неговата посветеност на основните вредности на Обединетите нации и му посакал успех во неговите идни ангажмани.


Дамаск го критикува Бан Ки-мун за говорот во ОН


Дамаск, 21 септември, 2016 - 10:34 (META) 

Дамаск го обвини генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, дека неговиот говор пред ОН, во кој вели дека сириската влада е одговорна за најголемиот број убиени цивили во војната е далеку од Повелбата на светската организација.

– Зборовите на Бан Ки-мун за Сирија се далеку од Повелбата на ОН, која треба да ја почитува лицето што е на функцијата генерален секретар на Обединетите нации. ОН не успеаја во својата улога да најдат решение за меѓународните проблеми и не успеаја да решат ниту еден конфликт – соопштија од министерството за надворешни работи на Сирија.

Бан во вчерашниот проштален говор во ОН ги обвини двете страни во Сирија за убивање невини луѓе, но додаде дека никој не е толку одговорен како што е сириската влада.


Бан Ки-мун сака следниот генерален секретар на ОН да биде жена


Њујорк, 16 август, 2016 - 10:57 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Бан Ки-мун изјавил дека тој лично би сакал, кога ќе му истече мандатот, на негово место да дојде жена, што би било првпат од основањето на светската организација пред повеќе од 70 години, јавуваат светските агенции.

Бан, чиј втор мандат од пет години како генерален секретар на ОН му истекува на 31 декември, изјавил дека крајно време е за генерален секретар од женскиот пол, по осумте мажи кои досега беа на чело на ОН.

Во трката за наследник на Бан Ки-мун, има 11 кандидати, од кои пет жени и шест мажи, меѓу кои е и македонскиот дипломат и поранешен претседател на Генералното собрание на ОН, Срѓан Керим.

Актуелниот шеф на ОН, сепак, истакнал дека не е на него да го бира својот наследник, туку тоа е задача на 15-те членови на Советот за безбедност, кои треба да го препорачаат својот кандидат на Генералното собрание.

Бан, во врска со прашањето за можноста жена да биде избрана за генерален секретар изјавил дека жените сочинуваат половина од светската популација и дека треба да се охрабрат и да им се дадат „еднакви шанси“.

Не наведувајќи никого по име, тој рекол дека „има многу истакнати и мотивирани жени лидери кои можат да го променат светот и активно да соработуваат со другите светски лидери“.