Поранешниот премиер на Португалија, Антонио Гутереш, од денеска ја презема функцијата генерален секретар на Обединетите нации.

Гутереш доаѓа на местото на Бан Ки-мун, кој два мандати беше генерален секретар на светската организација.

Положувајќи заклетва на 12 декември, тој оцени дека ОН мораат да се подготват за промени.

– Од акутните кризи во Сирија, Јемен, Јужен Судан и во други места, до долгогодишните спорови, вклучувајќи го израелско-палестинскиот конфликт, потребно ни е посредување, арбитража и креативна дипломатија – изјави тогаш Гутереш.

Еден од неговите приоритети ќе биде подобрувањето на положбата на жените, така што веќе именуваше три жени на клучни позиции во својот тим.

Гутереш е деветтиот генерален секретар на ОН во 71-годишната историја на ОН.