fbpx

Бан Ки-мун од 17 до 19 јуни во посета на Грција

-

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, од 17 до 19 јуни ќе биде во официјална посета на Грција. На агендата на Бан ќе бидат бегалската криза, кипарското прашање, но и спорот за името.

Прва станица на генералниот секретар на ОН ќе биде Атина, каде на 17 јуни ќе се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас и со претседателот Прокопис Павлопулос. На овие средби Бан се очекува да го постави и прашањето за напредокот во македонско-грчкиот спор за името, за што преговори се водат под капата на Обединетите нации.

Следниот ден Бан заминува за Лезбос, островот со најголем број бегалци и мигранти, на покана на тамошниот градоначалник Спирос Галинос. На Лезбос Бан ќе го посети бегалскиот центар, ќе разговара со бегалците, барателите на азил, меѓутоа и со волонтери и со претставници на невладините организации кои им помагаат и ги поддржуваат бегалците. Ќе се сретне и со градоначалникот Галинос, кој е под голем притисок од граѓаните на Лезбос да најде начин да се справи со бегалската ситуација на островот, која последниов период е надвор од контрола со зачестени судири и со инциденти во бегалскиот центар меѓу бегалците од различни националности.

Бан доаѓа во период кога во Грција има повеќе од 58.000 бегалци, од кои 8.000 луѓе на островите, кои во неизвесност чекаат дали ќе им биде одобрено барањето за азил во Грција или, пак, ќе мора да бидат вратени во Турција.

Генералниот секретар ќе направи увид во состојбата на островот и условите за бегалците во Грција за да се направи подобра подготовка за септемврискиот меѓународен состанок за бегалската криза во светот во рамки на ОН.

„Следната недела ќе го посетам грчкиот остров Лезбос за да ја испитам ситуацијата и да покажам солидарност со луѓето“, истакна Бан за новинарите во ОН.

Посетата доаѓа само неколку месеци пред завршувањето на мандатот на Бан како генерален секретар на ОН.

Бан досега во Њујорк имаше две средби со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, и една со премиерот Алексис Ципрас, на кои се дискутираше за спорот за името и за кипарското прашање, за кое сè повеќе се шпекулира дека е на прагот на разврската. Што се однесува до спорот за името, очекувањата за некаква нова идеја од страна на ОН се мали поради моменталната политичка криза во Македонија, но и поради внатрешните проблеми на Грција.

Посредникот во грчко-македонскиот спор, Метју Нимиц, кој пролетва имаше и тет-а-тет средба со Коѕиас, неколкупати најави дека нова рунда разговори меѓу двете страни ќе има по изборите и решавањето на политичката криза во Македонија.

Бан последен пат беше во Грција во ноември 2009 година, кога се сретна со грчкиот премиер Јоргос Папандреу, со кој разговараше, меѓу другото, и за преговорите за решавање на спорот за името.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Објавен прирачник за употреба на вештачка интелигенција во новинарството

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) промовираше Прирачник за едукатори по Новинарство: Известување за Вештачка Интелигенција издаден од УНЕСКО, а објавен на македонски и на албански јазик....