fbpx

Бан Ки-мун во Атина ги слушна грчките ставови за спорот за името

-

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, денеска во Атина разговараше со грчкиот државен врв за бегалската криза, спорот за името и за кипарското прашање.

Бан Ки-мун утрово се сретна со премиерот Алексис Ципрас, со кој се фокусираше на бегалската криза, додека на пладневната средба со шефот на дипломатијата, Никос Коѕиас, генералниот секретар дискутираше за македонско-грчкиот спор.

Никос Коѕиас пред Бан Ки-мун ги образложил грчките ставови околу прашањето за името и ги слушнал ставовите и идеите на генералниот секретар околу македонско-грчкиот спор.

Генералниот секретар сепак оваа втора посета на Грција, по посетата во 2009 година, главно ја посветува на клучниот глобален проблем, бегалската криза. На средбата со Ципрас се разговарало за предизвиците од справувањето со бегалската криза, начините како Грција се справува и одговара на бегалските проблеми. И Ципрас и Бан апелираа дека е потребна поголема солидарност и почитување на човековите права за поуспешно справување со овој глобален проблем.

– Сè уште сум длабоко потресен поради големиот број загинати во Средоземно Море. Мора да работиме заеднички да ги заштитиме луѓето и да се соочиме со основните причини за нивното раселување. Јас продолжувам да барам поголема поделба на одговорноста за ова во цела Европа и во светот – истакна Бан Ки-мун по средбата со Ципрас.
Тој изрази и благодарност до Грција што и покрај финансиските проблеми им помага на илјадниците луѓе кои бегаат од војна и од политички прогон. Испрати апел до меѓународната заедница да не ја остава Грција сама да се справува со овој предизвик и да понуди поголема поддршка до грчките власти и институции.

Ципрас, пак, истакна и самиот дека Грција успеала паралелно со финансиската криза да се справи успешно и со бегалската и да понуди помош и сместување за повеќе од еден милион бегалци кои во 2015 година поминале низ земјата. Тој изрази задоволство од успешното спроведување на договорот ЕУ – Турција. Грчкиот премиер, сепак, упати критика и до европските и до балканските држави поради едностраното затворање на границата без консултација со Грција.

– Денес Грција го носи товарот и сместува повеќе од 55.000 бегалци кои се заглавени во земјава по едностраната активност на нашата северна граница и затворањето на границата. Се согласивме дека ниту оваа криза, ниту финансиската може да се реши со национализам, со префрлање на товарот на послабите држави и народи. Политиките на ксенофобија, огради и ѕидови, еднострани активности, политиката на враќање на бегалците во море се спротивни на нашите основни принципи. Ја поткопуваат иднината на Европа и ја продлабочуваат кризата – посочи Ципрас.

Грчкиот премиер му понуди симболичен подарок на Бан Ки-мун, портокалов елек за спасување, парче кое спаси илјадници бегалци на патот кон Грција, изразувајќи надеж дека ќе продолжи да се спроведува договорот меѓу ЕУ и Турција, како и дека ќе се стави крај на мрежите за нелегален шверц на бегалци и побргу ќе се спроведе одлуката за легална миграција на бегалците во ЕУ.

По средбите во Атина, генералниот секретар замина за Лезбос за лично да ги испита условите за живот во бегалските центри.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бројни награди за учениците од „Илија Николовски Луј“ на Меѓународниот фестивал „Полихимниа“

Денеска заврши Меѓународниот фестивал „Полихимниа“, кој деветти пат по ред годинава се одржа во Скопје. Млади музичари, студенти и професионалци од Македонија, секој со својот инструмент и во соодветна...