ССК: Неформалната економија најголем проблем во сите сектори


       
Скопје, 4 јули, 2018 - 15:04 (META) 

Сузбивање на неформалната економија во Македонија која изнесува над 30 проценти е главниот предизвик за обезбедување поволен деловен амбиент за малите и средни претпријатија кои се стожер на македонската економија и сочинуваат 99,7 проценти од сите компании со учество од 70 отсто во домашниот бруто-производ (БДП).

Ова беше една од темите на која претседателката на  на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска и членовите на Управниот одбор, дискутираа со министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ.

Според анализите на Сојузот, неформалната економија најмногу е застапена во транспорт, градежништво, туризам, угостителство, услужни дејности и земјоделство.

„Неформалната економија, претставува директна нелојална конкуренција на регистрираните и го поткопува развојот на стопанството. Потребно е да се овозможи функционален механизам за справување со сивата економија, бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели еден пазарен систем“, изјави Арсовска.

Таа додаде дека неформалната економија бележи пораст секоја година и доколку не се отпочне со сериозна акција за нејзино сузбивање финално ќе предизвика и дерегистрирање на оние претпријатија кои работат на пазарот и нивно преминување во сивата зона.

Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се борат против нерегистрираните или неформални компании во Македонија е 55, 5 проценти или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4 проценти, Хрватска со 48,2 проценти, Албанија со 40,2, Србија со 37, 5 проценти и Словенија со 26,5 проценти.