!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

СКСЗМ: Економскиот развој за кој слушавме во 2016 година е пропаганда


       
Скопје, 30 декември, 2016 - 12:47 (META) 

Владата во 2016 година немаше конструктивен однос кон бизнис-заедницата и терминот „развој“ што постојано го употребуваше не е ништо друго освен кампања, изјавија од Стопанска комора на Северозападна Македонија, кои на прес-конференција дадода оценка за економијата во 2016 годинава и ги кажаа очекувањата во 2017 година на економски план.

– Економскиот развој за кој толку многу слушавме повеќе е пропагандна политика отколку што е реален одраз на фактичката состојба. Јавниот долг и буџетскиот дефицит се покриваат преку задолжување, бидејќи недостига стратегија за нивно намалување – изјави Назми Ејупи од СКСЗМ.

Тој додава дека постои нерамномерен регионален развој и селективност кон слободните економски зони. Според Ејупи, во Западниот Регион има само две инвестиции и таму се наоѓаат само пет проценти од вработените во слободните економски зони, иако невработеноста е голема.

Од 35 предлози кои СКСЗМ ги доставила до Владата, само два биле прифатени. Биле одбиени предлозите за изградба на царински терминал на Јажинце, а не им било прифатено барањето компаниите кои претрпеа штети во поплавите, да бидат институиционално третирани.

За 2017 година сметаат дека гасификацијата е преценет проект кој тешко ќе се реализира и наспроти предвидувањата од 3,7 проценти економски пораст, од СКСЗМ велат дека тој нема да биде поголем од 2,5 проценти.

– И покрај предвидувањата за постабилна светска економија, Македонија има свои внатрешни проблеми, па оттука тешко е да се дадат позитивни оценки и очекувања за економијата. Повторно нè очекуваат избори (локални) и оттука, годината воопшто нема да биде лесна за бизнисот – додава Ејупи.

Од новата влада стопанствениците очекуваат да ја преземе одговорноста и да ги забрза заостанатите политички мерки што имаат влијание врз бизнисот.

Велат дека со исто темпо ќе влијаат на новата влада за да ги прифати нивните предлози од економската платформа, мерки кои, како што истакнаа, се наоѓаат и во дел од платформите на некои политички партии.