Промовиран „КриТинк“, проект за медиумска писменост со грант шема


       
Скопје, 1 јуни, 2018 - 15:12 (META) 

Во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје се одржа воведен настан за проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој со поддршка од Европската Унија во наредните три години ќе го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Центарот за европски стратегии – Евротинк.

На средбата, на која присуствуваа преставници на граѓански организации, медиуми и на државни институции, тимот на проектот ги претстави основните елементи и го најави првиот повик за мали грантови кој ќе трае до 6 јули.

Во првиот циклус на програмата за мали грантови на „КриТинк“ планирано е да бидат доделени осум грантови, со кои ќе се поддржат проекти наменети за секој од 8-те плански региони.

KRITINK

 

Целта на проектот, како што рече Филип Стојановски, раководител на проектот „КриТинк“ и програмски директор во „Метаморфозис“ е да промовира медумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање на култура за критичко размислување, плурализам на мислења и демократски вредности.

Шемата на малите грантови ја претстави Горан Лазаров, проектен координатор во Евротинк, а за значењето на медиумската писменост и за националната Мрежа за медиумска писменост зборуваше Емилија Петреска-Камењарова, раководителка на Одделението за човекови права и медиумска писменост во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Сите детали за повикот заинтересираните можат да ги погледнат на веб-локацијата на проектот CritThink.mk.