!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Прекршочни пријави за Елвис Бајрам и за уште 7 лица за тепачката во Шуто Оризари


       
Скопје, 4 октомври, 2017 - 15:47 (META) 

Министерството за внатрешни работи поднесе прекршочни пријави против актуелниот градоначалник на Шуто Оризари и кандидат на претстојните локални избори, Елвис Бајрам, и уште седум лица за тепачката што се случи во понеделникот во Шуто Оризари.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на прес-конференција соопшти дека МВР го расчистило инцидентот.

Целокупниот материјал, како што рече Спасовски, е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје.

Сега надлежното обвинителство треба да се произнесе околу понатамошното постапување по овој случај.

„Независно кој од која политичка партија доаѓа, кој чиј симпатизер е, во ваквите и слични случаи за МВР единствено примарно ќе биде почитувањето на законите, што мора и ќе важи за сите еднакво – рече Спасовски.

Тој нагласи дека секаков обид, од кого било, да се злоупотреби полицијата како „наша“ или „ваша“ ќе биде законски санкциониран.

– Ја користам можноста да ја изразам нашата категорична осуда на чинот од 2 септември, како и на сите обиди изборниот процес да се компромитира, а кај граѓаните да се создаде претстава за несигурност. Затоа МВР уште еднаш апелира до сите актери на претстојните избори да ги почитуваат демократските и нормативни стандарди. Македонската полиција нема да дозволи какво било загрозување на правото на граѓаните да го дадат својот глас на мирни, фер и демократски избори – рече Спасовски.