Шесте земји од Западен Балкан различно чекорат по патот кон ЕУ, при што, поважен е патот и квалитетното спроведување на реформите отколку целта, рече денеска шефицата на хрватската дипломатија, Марија Пејчиновиќ Буриќ, која е во посета на Македонија.
На прес-конференцијата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров таа додаде дека реформите се клучни за напредокот на секоја земја на патот кон Европската унија и НАТО и дека Македонија е добар пример за тоа.
Процесот, според Пејчиновиќ Буриќ, ќе се забрза по решавањето на спорот со Грција околу името.
– Македонија има пријател во Хрватска и откако ќе се реши прашањето за името ќе ја добие нејзината поддршка за што е можно побрзо вклучување во НАТО и почнување на преговорите за влез во ЕУ – рече Пејчиновиќ Буриќ.
Димитров додаде оти искуствата на Хрватска се мошне важни за земјава.