!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Охрид е преполн со туристи за новогодишните празници


       
Охрид, 31 декември, 2016 - 11:35 (META) 

Сите хотели во Охрид, како и помал дел од приватните сместувачки капацитети, се закупени за новогодишните празници. Хотелиерите се презадоволни и се надеваат дека намалувањето на прометот од 10 проценти во последните месеци од 2016 година, ќе го ублажат со претстојниот празничен викенд.

Традиционално, покрај домашните, најголемиот број од туристите во Охрид и во Струга се од соседните земји, пред сè од Бугарија, Србија, Албанија и во помал број од Грција.

Гости има и од Црна Гора и од Хрватска, а со индивидуални аранжмани присутни се и одреден број новогодишни славеници и од Велика Британија, Полска и од Израел.

Хотелиерите се задоволни што Бугарите, кои еден подолг период апстинираа, повторно доаѓаат, така што токму тие ќе ѝ дадат печат на годинешната прослава.

Колку за илустрација, хотелот „Силекс“ е целосно закупен од гости од Бугарија. Тие ќе доминираат и во хотелите „Гарден“ и „Нова Ривиера“, а присутни се и во двата хотели „Тино“, каде што во најголем број се гости од Србија и од Црна Гора.

Охридските угостители за празниците понудија аранжмани од два до пет дена, а цената зависи од категоријата, како и од времетраењето на престојот.

Тридневните аранжмани, на база на полупансион, чинат од 100 до 160 евра, со вклучена свечена новогодишна вечера.

Свечена новогодишна програма, традиционално подготвува и локалната власт на градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“, каде присутните ќе ги забавуваат Ѓоко Танески и Елена Велевска.

Покрај во Охрид, хотелските капацитети се речиси распродадени и во соседна Струга.