fbpx

Култура на тајност и интереси: Улогата на лоби групите во донесувањето на законите

-

Јавноста во Македонија не добива соодветни и доволни информации за средбите на претставници на власта со интересните групи, а проактивната објава на официјалните веб-страници е недостаточна, давајќи само основни информации. Административната култура страда од наследство на тајност.

Ова е заклучокот од анализата што хрватската граѓанска организација ГОНГ, по урнекот на студијата од претходната година на Access Info Europe и партнерите, го спроведе летово со четири граѓански медиуми од четири земји за да изврши увид во ситуацијата со транспарентноста на владеењето и донесувањето прописи. Во проектот се вклучија Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Македонија, ЦРТА од Србија, Зашто не! од БиХ и Центар за демократски транзиции од Црна Гора.

Во компаративната анализа во секоја земја се проверуваше проактивната објава за одредени лобирања, земајќи притоа еден закон донесен од актуелната власт. Освен средбите со интересни групи, требаше да се провери и колку прецизно се пропишани ваквите состаноци во законските одредби, како и какви записници мора да се водат на сите средби на кои се промовира одреден интерес на некоја групација. Се проверуваше и  колку лоби групите влијаат врз одлуките на извршната власт. „Мета“ проверките ги направи земајќи го за основа законот со кој се измени законот за заштита од пушење.

Ferid Muhikj replika 1 Sobranie 15mar18 - ScreenshotУгостителскиот еснаф во Македонија пролетва извојува победа во долгогодишна војна. По жолчна дискусија, со искажување спротивставени ставови од колегите од пратеничките групи на предлагачите, односно од СДСМ, ДУИ и некои од независните пратеници, на 11-та седница, којашто се одржа на 15 март годинава, Собранието, во отсуство на опозицијата, ги донесе измените на Законот за заштита од пушење, во скратена постапка.

Со тоа притискање на копчињата се озакони пушењето и на затворените тераси и летни бавчи, без разлика на годишното време и метеоролошката ситуација.

Предлог-законот беше поднесен во скратена постапка во август 2017 година, набргу по формирањето на новото владејачко мнозинство. Решението беше слично или идентично на претходните предлог-закони што упорно се поднесуваа од тогашните опозициски пратеници на СДСМ уште од 2010 година, додека мнозинството, односно власта беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Конечната реализација, пак, дојде повеќе од девет месеци откако СДСМ формира парламентарно мнозинство.

Предлагачите на законот – пратениците од владејачката коалиција во предлогот тврдеа дека поради претходното решение угостителите трпат загуби бидејќи имаат помалку гости во студените периоди, а се намалил и бројот на вработените и се намалиле приходите на општините и државата од ДДВ и од закуп на земјиштето.

Анализа на транспарентноста при донесувањето на измените

Во склоп на компаративната анализа за транспарентноста при донесувањето јавни одлуки во Србија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина, координирана од хрватската граѓанска организација ГОНГ, „Мета“ се обиде да провери дали станува збор за штетно решение на кое што ВМРО-ДПМНЕ долго се спротивставувало со причина, а СДСМ го озакони откако оформи парламентарно мнозинство поради, можеби, некакви негови интереси, или едноставно станува збор за одлука која носи одредена придобивка и одреден инает кон оспорувањето на одлуки што една политичка гарнитура ги донесува, а потоа и спроведува. Ја проверивме и транспарентноста на процесот, односно навременото информирање на јавноста од вклучените страни преку официјалните веб-страници, истовремено мерејќи ги можностите за доаѓање, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, до сознанија за лобирањето за предлог-законот.

Одговорите брзи, но со мали „дупки“

Проверката се состоеше во тоа колку пати се одржале средби на предлагачот на законот или на министерствата со интересните групи, односно угостителите, како и во тоа дали се воделе записници, дали била приложена документација како доказ на тврдењата, но и дали е спроведена јавна расправа. На барањата за одредени и информации и материјали, според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, две од контактираните страни одговорија бргу, додека воопшто не стаса одговор од едно министерство.

На 26 јуни се обративме до пратеникот Томислав Тунтев, како прв од предлагачите на законот, но и до министерствата за здравство и за економија, како директно надлежни за областа што ја покрива овој закон. Иако приоритетен беше пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, се обидовме да видиме дали угостителите се обратиле до актуелната извршна власт.

За разлика од Министерството за здравство, од каде не стаса одговор дали двајцата министри од почетокот на мандатот на Владата на Зоран Заев или некакви средби или комуникација со претставници и организации на угостители при кои се лобирало за измена на законот за заштита од пушењето, од Министерството за економија одговорија на 4 јули, појаснувајќи дека министерот за економија имал средби со организации на угостители, но не во врска со посочениот закон. Тунтев, пак, одговори на прашањата ден претходно, на 3 јули.

Комисијата за жалби блокирана

Ministerstvo za zdravstvo 26jul17 - MetaВо вториот обид да дојдеме до информациите што беа потребни, а не ги добивме, дојде до уште една своевидна блокада – по поднесената жалба од „Мета“ за недобиен одговор од Министерството за здравство, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер не може да се произнесе, оти моментално брои само два члена од предвидените петмина.

– Во таква состојба е од 2 мај годинава, по оставките на двајца обични членови. Моментно трае вториот оглас, а сѐ додека не заврши постапката, стручната служба работи по жалбите и изготвува предлози, но за нив треба да одлучува Комисијата, а таа не може да функционира со само двајца членови. Собранието поништи еден оглас за избор, а вториот уште трае. Во моментов, ние имаме 350 предмети за жалби, од кои голем дел се финализирани и само треба да се гласа, а дел се во процедура. Значи, стручната служба, односно Секретаријатот работи постојано, но резултатите не се гледаат бидејќи не може да се донесат одлуки – ни објаснија на 10 септември од секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Тунтев активно контактирал со угостителите

Tomislav Tuntev pres Sobranie 19apr18 - nivnaОбемни и брзи одговори во врска на тоа што му претходело на поднесувањето на предлог-законот, но и потоа, сѐ до неговото изгласување во парламентот, добивме од пратеникот  Тунтев, кој беше првиот од предлагачите на измените на законот.

Toj објасни дека предложените измени што конечно беа усвоени на 15 март годинава се поднесени како предлог-закон уште во јануари 2016 година, од него и други тогашни опозициски пратеници, а на тоа му претходеле, (во октомври и ноември 2015) четири средби на Тунтев со Михаил Мишев, претседател на Здружението на угостители „Охридски еснаф“, како и неколку средби со истите или уште неколку членови на здружението – сопственици на угостителски објекти од Охрид.

– Состаноците беа во организација на самото Здружение на угостители, а јас во функција на пратеник бев поканет да ги слушнам нивните мислења, со мене да ги споделат проблемите со кои се соочуваат, потребите што ги имаат како мали стопанственици, коишто се исклучително важни за економската стабилност на државата. Тие сметаа дека јас како пратеник може да помогнам, на тој начин што нивните проблеми ќе ги пренесам на моите колеги во Собранието на Република Македонија, независно дали се од тогашното парламентарно мнозинство или од опозиција, со единствена цел да дојдеме до заедничко решение кое во исто време ќе значи и заштита на здравјето на граѓаните на Република Македонија, но и поддршка за угостителите кои се важен елемент во македонската економија – одговори Тунтев.

На прашањето дали има некакви записници од тие средби, тој посочи да се обратиме во Здружението „Охридски еснаф“. Појасни и дека имале неколку неформални средби и електронска комуникација во есента минатата година.

Собранието како блокада во потрага по факти

Novinari-pred-Sobranie-2maj17-MetaНовинарската потрага за  откривање евентуални неправилности беше обременета од неактивноста на истата институција што одговори на барањата на угостителите – Собранието. Имено, со поништување на првиот оглас за избор на нови членови на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и потоа задоцнето распишување нов оглас, Собранието го продолжи нефункционирањето на комисијата. Со тоа делумно ја оневозможи новинарската потрага по повеќе информации, бидејќи при одбивање на различните тела или институции да дадат одговор, единствениот лек е Комисијата, која од 2 мај не може да функционира.

Затоа е неопходно по завршувањето на новиот оглас, Собранието бргу да го спроведе изборот на нови членови на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, за да се овозможи новинарите, но и граѓаните, почесто да доаѓаат до информации за работењето на власта, земајќи предвид дека многу побарани информации честопати неправилно се ставаат вон категоријата на јавен интерес.

Дополнително, Собранието, како што е посочено и во најновата студија на ACTION SEE за отвореноста, не дава увид на јавноста во работата на собраниските комисии, односно не се објавени материјали од комисиските расправа за Законот за заштита од пушењето, ниту од јавната дебата за овој закон одржана на 14 декември минатата година. Инаку, една од главните забелешки во студијата на ACTION SEE, во изработката на која учествуваше и „Метаморфозис“, беше токму тоа – дека не се објавува кој учествувал на комисиските седници, нема стенограмски и видеозаписи од овие седници, ниту резултати од гласањата на нив. Кога има видеозаписи, тие се емитуваат со задоцнување од неколку дена на Собранискиот канал, но ги нема на веб-сајтот на Собранието.

Во време кога функционира Собранискиот канал, тоа би требало да биде завршена тема, посебно поради фактот што станува збор за 24-часовен простор во кој може да се емитуваат снимки и неброени репризи, што е особено важно поради можноста за посоодветно информирање на јавноста за оние што го одредуваат законскиот корпус во земјава, како и за дебатите и темелите на коишто се положуваат правилата по кои земјата треба да се управува и да се владее.

Print

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...