!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Најави за масовен протест пред Кривичен суд поради пресудите за „Диво Насеље“


       
Скопје, 4 ноември, 2017 - 12:03 (META) 

Медиумите на албански јазик најавуваат дека утре пред Основниот суд Скопје 1 (Кривичен суд), ќе се случат протести на коишто ќе биде изразено незадоволство од пресудата изречена во случајот „Диво Насеље“.

„Некои невладини организации и граѓански иницијативи организираат протест против казните со кои судот во Скопје ги осуди осудените лица во случајот „Диво Насеље“ во Куманово. Протестите ќе почнат во недела, со почеток во 13 часот“, објави албанскиот портал „Телеграф“.

Протестите ќе почнат од плоштадот Скендер-бег и ќе завршат пред Основниот суд Скопје 1, се вели во соопштението на невладините организации, кое е испратено до албанските медиуми.

Демонстрантите ќе бараат меѓународна истрага и ревизија на случајот кој според нив е уште една неправда кон Албанците во Македонија. Покрај за „Диво Насеље“ се бара слобода и за други осудени Албанци за случаите „Монструм“, „Бродец“ и други.