МРТ ќе ги поништи последните одлуки за субвенции за домашна музичка продукција


       
Скопје, 17 јануари, 2018 - 11:51 (META) 

Македонската радио-телевизија (МРТ) ќе ги поништи одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на Вториот и Третиот квартал од Конкурсот за поддршка на домашната музичка продукција за 2017 година, соопштија денеска од Министерството за култура.

„На вчерашниот состанок во Министерството за култура меѓу претставници на Министерството за култура и Македонската радио-телевизија заеднички беше констатирано дека актуелниот Закон за поддршка на домашната музичка продукција е тешко применлив и дека не ја исполнува функцијата за која е донесен. Исто така, констатирано е дека Македонската радио-телевизија, по спроведениот надзори по насоките дадени од страна на Министерството за култура ќе пристапи кон поништување на одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на вториот и третиот квартал од 2017 година“, информираат од Министерството.

Претставниците на Министерството за култура и МРТ се договориле во иднина заеднички да ги координираат активностите во насока на поддршка и развој на домашната музичка продукција.