!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МОН: Омбудсманот погрешно го протолкувал дописот за шамиите во училиштата


       
Скопје, 19 септември, 2017 - 16:43 (META) 

Министерство за образование и наука (МОН) вели дека не доставило никаков допис до директорот на Основното училиште „Братство и единство“ во Охрид со кој им се забранува на ученичките да посетуваат настава затоа што носеле шамија на главата, за што денеска народниот правобранител ја осуди оваа постапка на МОН.

Од таму сметаат дека нивниот допис е протолкуван погрешно.

„До Министерството за образование и наука се обрати родител на две ученички од Основното училиште „Братство и единство“ во Охрид со барање за мислење за случајот со неговите ќерки на кои не им е дозволено следење на настава во основно училиште поради носењето превез. Министерството за образование и наука во одговорот на писмото укажа дека согласно Законот за основно образование, основното образование е задолжително. Исто така, укажа дека во надлежност на директорот е да ја организира, планира и да ја води работата на основното училиште и е одговорен за остварување на правата и обврските на учениците. Зачудува погрешното толкување на дописот на МОН дека со него се дава дозвола за какво било однесување на директорот или на родителот на ученичките“, се вели во соопштението на МОН.

Поради заблудите во јавноста за овој случај, МОН исто така укажува дека директорите на општинските основни училишта се избираат и се разрешуваат од страна на градоначалниците на предлог на училишниот одбор на основното училиште.

„Ако постојат сознанија за постапување на директорот со кое по негова вина е нанесена штета на учениците, на нивните родители или на училиштето, училишниот одбор свикува седница на која се донесува заклучок во писмена форма кој се доставува до директорот. Понатаму во законот е регулирано дека во случај на евентуално постоење на прекршување на законите и оневозможување на остварување на правата на учениците, надлежност имаат покрај училишниот одбор, Државниот просветен инспекторат, градоначалникот и, на крајот, по спроведена постапка од страна на другите органи, Министерството за образование и наука“, велат од МОН.