Линданот од малата депонија на ОХИС ќе се чисти догодина, собрани се 9 милиони долари


       
Скопје, 15 декември, 2018 - 7:22 (META) 

Малата депонија со линдан во кругот на фабриката ОХИС, на која има околу 10.000 тони контаминирана почва со оваа канцерогена супстанца, ќе започне да се чисти до средината на следната година, информираат за „Мета“ од Канцеларијата за за ПОПс (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски загадувачи при Министерството за животна средина.

Во март, следната година, ќе се објави меѓународен повик за избор на технологија која ќе ја исчисти малата депонија. Надлежните велат дека откако ќе заврши нејзината деконтаминацијата ќе се работи на чистење на големата депонија. Се проценува дека на двете депонии во ОХИС има помеѓу 40 и 50 илјади тони контаминирана почва со токсичниот линдан.

– Повикот ќе биде меѓународен, ќе го организира УНИДО (Организацијата на Обединетите нации за индустриски развој). Ќе се формира стручно тело, комисија која ќе ги разгледа сите понуди. Веќе знаеме многу потенцијални кандидати кои се интересирале, тоа се компании од висок ранг кои работат на третман на опасен отпад. Тие се високо стручни, имаат капацитет, големи искуства – вели Сузана Андонова од Канцеларијата за ПОПс, која работи на овој проект.

Според неа, доколку повикот се реализира во март, технологијата ќе почне со работа во мај или јуни. Процените се дека за деконтаминирање на малата депонија ќе бидат потребни од 3 до 5 години, во зависност од ефикасноста и динамиката со која ќе се работи

– Во тој период, претпоставуваме дека ќе имаме доволно време да се соберат средства за големата депонија, за што владата ќе потпише и Меморандум, затоа што тие средства се многу поголема сума од ова што сега го обезбедивме. Големата депонија ја оставивме како втора фаза бидејќи е голема и ги немаме во моментот потребните средства и ако почнеме и стигнеме до некаде ќе остане отворена и ќе има уште повеќе емисии. Целта е кога ќе се отвори да се заврши и да има континуиран третман – потенцира Андонова.

Таа вели дека компанијата која што ќе го добие тендерот, ќе биде обврзана да ја покрие големата депонија со геотекстилна мембрана за да нема понатамошни емисии, а малата депонија ќе се чисти во затворени услови.

– Малата депонија се планира да се чисти во затворени услови, во затворен балон со соодветен притисок за да се спречат било какви емисии, кревање на прашина при ископувањето. Наша цел е да минимизираме било какви дополнителни емисии. Можеби при ископ ќе се појави засилен мирис, меѓутоа реално емисиите вон тој балон ќе бидат сведени на минимум – вели Андонова.

За малата депонија, Глобалниот еколошки фонд кој што е главниот донатор, обезбедил 3 милиони долари, а Владата уште во 2014 година се сложила да прикаже 12 милиони долари за да може да се добие грантот.

– Половина од тие средства тогашната влада ги прикажа како добра, вклучувајќи ги и студиите кои што сме ги правеле, се со цел да ги добиеме овие 3 милиони долари за да почнат работите да течат. Власта вети 6 милиони реални средства и со овие 3 милиони прават вкупно 9 милиони кои ќе бидат достапни и доволни за да се исчистат 10.000 тони од малата депонија – објаснува Андонова.

Лиданот е дел групата на канцерогени супстанции ПОПС (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски загадувачи и е дел од Стокхолмската конвенција која Македонија ја има потпишано во 2009 година. Специфичните ефекти од изложеност на овие супстанци може да вклучуваат рак, алергии и хиперсензитивност, оштетување на централниот и периферниот нервен систем, репродуктивни нарушувања и нарушување на имунолошкиот систем.