!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Комисијата на УНЕСКО: На Охрид не му се заканува бришење од листата


       
Охрид, 12 април, 2017 - 15:53 (META) 

Посетата на Охрид е рутинска контрола, односно вршиме увид на бројните проекти. Тоа не треба да се доведува во врска со предупредувањата за бришење од листата на УНЕСКО. Ова е ставот на експертите од комисијата на УНЕСКО кои неколку дена вршат увид на проектите во Охрид, кои додаваат дека никогаш не станало збор за такво прашање.

– Нашата посета е рутинска за да ја провериме состојбата на објектите врз кои се врши  конзервацијата, а се дел од  културното наследство на сите компоненти и за тоа да го известиме комитетот на УНЕСКО. Остваривме средба за да ги видиме прогресот и напорите на локалните и на националните власти во заштитата на културното наследство и во спроведувањето на забелешките на УНЕСКО од лани на 40. седница во Истанбул – изјави Ања Сидоренко од комисијата на УНЕСКО.

Сидоренко додаде дека тие сега вршат само надзор. Подоцна ќе  ги презентираат нивните препораки.

– Во овој момент не можеме ништо повеќе да кажеме. Не сме дојдени само за Националниот парк „Галичица“, туку вршиме надзор на целото културно и природно наследство и како тоа се заштитува, сите активности кои се преземаат. Никогаш не дошло во прашање Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО. Ги разгледавме сите проекти за НП „Галичица“. Комплексните проекти беа на увид кај стручни експерти, дел од комитетот Икомос, затоа што се работи за многу комплексно подрачје богато со културни и природни вредности – прецизираше Сидоренко.

Денеска комисијата на УНЕСКО се сретна со директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, а потоа замина на увид на Плаошник, Античкиот театар, „Богородица Перивлепта“ и во „Света Софија“.

– Мислам дека многу имаме сработено во последниве години и не гледам вооопшто зошто Охрид би се нашол на црна листа на УНЕСКО – категорична е Паскали-Бунташеска.