Власта во заминување не престанува да прави штети и повторно го става во ризик здравјето на граѓаните, порача на прес-конференција денеска Јагода Шахпаска, пратеничка на СДСМ.

Таа рече дека со технички овластувања е донесена одлука да се скратат средства за инсулин во износ од 62 милиони денари.

– Тоа се за 10 отсто помалку средства за 40.000 пациенти на инсулинска терапија. 40.000 пациенти се во ризик за инфаркти, мозочни удари, слепило и ампутации. Од нив 600 се деца до 14 години, чиј живот е директно зависен од инсулин – рече Шахпаска.

Пратеничката рече и дека се скратени 36 милиони денари за набавка на вакцини и 40 милиони денари од парите за лицата со ретки болести.

– Додека се кочат трансферот на власта и демократските процеси и се кратат пари за инсулин, вакцини и за ретки болести, се делат милионски тендери на фирми и на бизнисмени блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Ова е само уште еден доказ за потребата од итна деблокада на демократските процеси и од формирање нова влада која ќе се грижи за реалните потреби на граѓаните. Ќе бидат преиспитани сите сомнителни тендери и одлуки на досегашната власт, вклучително и во здравството – рече Шахпаска.