!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Иванов го осуди инцидентот во Битола и повика на одговорно однесување


       
Скопје, 7 март, 2017 - 16:22 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, остро го осуди денешниот инцидент во Битола во кој беше нападнат објектот на Националната установа „Музеј на албанската азбука“.

Како што се наведува во соопштението, македонскиот претседател верува дека ова е изолиран случај и повикува инцидентот да не се злоупотребува за партиски, политички цели и за манипулација на јавноста.

Иванов, како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, смета дека кога државата се соочува со мошне сериозни предизвици, сите политички и општествени фактори се еднакво одговорни за превенирање на какви било тензии и провокации, се наведува во соопштението.

„Претседателот Иванов апелира и до секој поединец да се однесува одговорно и да ги има предвид можните последици од ваквите инциденти. Тој повикува на понатамошно почитување и на унапредување на меѓусебните односи, како и на градење на заедничкиот соживот“, стои во соопштението од кабинетот на претседателот.