!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

И во 2017 година Тетово ќе го мачат истите инфраструктурни и комунални проблеми


       
Тетово, 2 јануари, 2017 - 12:09 (META) 

Дивата депонија, каде тетовското комунално претпријатие го претовара сметот, и оваа година ќе биде рак-рана на градот. На таа локација се таложат илјадници тони смет, кој повремено се пали.

– Ние повеќе не веруваме дека проблемот со депонијата конечно оваа година ќе се реши. Секоја година локалните власти само ветуваат, а ние секоја година се задушуваме во чад и во смрдеа, која доаѓа од правецот на дивата депонија – вели жителка на Тетово.

Општината и во изминатата 2016 година ветуваше дека дивата депонија ќе се исчисти, а комуналниот смет ќе се претовара во затворен објект, надвор од градот. Но, од ветеното досега ништо не е реализирано. Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, на годишниот отчет за сработеното во 2016 година, пак најави дека ќе се реши проблемот со дивата депонија, но не прецизираше како и кога.

Општина Тетово во годината што измина, работеше на асфалтирање на улици, поплочување на тротоари, но најголемите инвестиции во сообраќајната инфраструктура, пробивање на булеварите Илинденска, Благоја Тоска и Индустриска не ги реализираше.
Нема ниту никакви идејни проекти за изградба на обиколници за транзитниот сообраќај, кој оди кон Скопје и Косово.

Поради непробиените булевари и немањето обиколници, и оваа година целиот сообраќај ќе се одвива по тесните улици, што дополнително го усложнува сообраќајниот хаос во градот.

За реализација на овие сообраќајни проекти, од Општина Тетово во текот на 2016 година неколкупати ветија дека се работи, но на терен не се одвиваат никакви активности.

Тетовци и годинава што измина се соочуваа со рестрикции во водоснабдувањето. Ветувањето на властите дека новиот тетовски водовод ќе биде завршен во октомври 2015 година, не се реализира. Минатата година во октомври беше изграден цевководот од новиот водоснабдителен систем. Но, за да стигнат новите количини вода до домовите на тетовци, потребно е да се изгради пречистителна станица за вода, за која властите ветија дека ќе биде готова до крајот на минатата година. Но, и ова ветување не се оствари. И годинава тетовци, како и во изминативе две децении, ќе бидат жедни.