Еко-активисти предупредуваат: И власта и опозицијата одработуваат за концесионерите


       
Струмица, 4 септември, 2018 - 17:01 (META) 

Цијанидната коалиција СДСМ-ДПМНЕ, асистирана од ДУИ, уште еднаш потврди дека нивните кавги само ја замајуваат јавноста во вид на димни бомби, а всушност се работи за коњуктурно-лукративна групација со ротирачка методологија, огорчено реагираат еко-активистите од југоисточна Македонија по информациите дека Собранието не гласаше за измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини поради немање кворум за работа иако беа предложени од пратеници од владеачката коалиција.

– Рударското лоби мора да биде елиминирано и оневозможено да влијае врз политиката, како што досега со децении влијаело Македонија да нема закон за максимум дозволена контаминација на почвата, имено за да можат рудниците да загадуваат без контрола, без казни и без забрани – вели струмичкиот екологист и новинар Крум Велков по повод неизгласувањето на измените на Законот за минерални суровини.

Со измените на законот се предлага во идните рудници да постои забрана за употреба на цијаниди и сулфурна киселина во технолошкиот процес, се бара депонирана финансиска гаранција од идните концесионери во случај на еколошки катастрофи, како и јасно наведување на постапката во техничко-технолошки елаборат.

Според образложението на едната од предлагачите, пратеничката на ДОМ Лилјана Поповска, „со тоа се обезбедува заштита на животната средина од ризични постапки во случаи на рудници на металични минерални суровини кои се со сиромашни руди и кои применуваат ризични технологии и постапки“.

Слична беше и реакцијата на ДОМ во чиешто соопштение се вели дека „наместо поддршка на благороден закон кој ја штити животната средина и здравјето на граѓаните, се случи тивок бојкот од страна на поединечни пратеници. Само тие си ја знаат причината за тоа“.