Доделени наградите за најдобрите фотографии за климатските промени во Македонија

0
1

Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, француската амбасадорка Лоренс Оер и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, денеска ги доделија наградите од првиот фото-конкурс за климатските промени во Македонија, насловен „#Делувај сега“.

Изаири ги поздрави учесниците во конкурсот и ја истакна важноста за зачувување на животната средина.
Дваесетте победнички фотографии во 10 категории, кои се избираа со гласање на социјалната мрежа „Фејсбук“ и со гласови од стручно жири, на фотографите им донесоа фото-камери, како и велосипеди, за првонаградените.

Посебни награди беа доделени на двајца новинари, кои со својата работа придонеле за зголемување на свеста за климатските промени.

vinton oer i izairiАмбасадорката Оер рече дека натпреварот е клучен настан за зголемување на свесноста во Република Македонија за ова многу важно прашање и истакна дека ова е само подготовка и придонес за претстојната Конференција за климатските промени во Париз.

Претставничката на УНДП, Винтон, рече дека е среќна што имало толкав голем интерес за првиот фото-натпревар и истовремено изрази задоволство од „веќе традиционалниот љубовен триаголник на соработка со француската амбасадорка и со министерот за животна средина“.

– Ги поздравуваме напорите на Министерството и на Владата за намалување на емисијата на гасови за 30 до 36 отсто. Досега 160 земји, односно речиси сите земји членки на ОН, се залагаат за овие промени, што ќе придонесе за намалување на емисијата на штетни гасови за 93 отсто – рече Винтон.

Фото-конкурсот „#Делувајсега“ беше повик до сите граѓани да ги искористат своите фотографски вештини и со својот објектив да го забележат климатските промени во Македонија.