Да се искористи потенцијалот за економска соработка со Турција, порача Заев


       
Скопје, 15 март, 2018 - 11:43 (META) 

Во Македонија веќе работат сериозен број на турски компании кои плаќаат плата на вработените, плаќаат даноци во буџетот и учествуваат во севкупното производство и во извозот, рече премиерот Зоран Заев по состанокот со компаниите членки на Стопанска комора Македонија – Турција, МАТТО.

Тој додаде дека уште повеќе треба да се зголемува бројот на турски инвестиции и да се искористи големиот потенцијал за соработка што двете земји го имаат.

„Импресионирани од мотивацијата која што ја добивме од неодамнешната посета на Турција, наша заедничка должност е да разработиме конкретни проекти и активности кои за деловната заедница ќе значат бизнис и повеќе профит, за Република Македонија нови работни места, зголемување на БДП и севкупниот извоз“, изјави Заев.

Тој ги информирал компаниите за можностите што ги отвора Планот за економски раст и законското решение кое што помина на владина седница. Заев очекува дека стопанствениците ќе ги пронајдат своите можности за инвестирање преку поддршката што ја овозможува овој План и ќе преземат храбри чекори за нови инвестиции во Македонија.

На средбата со компаниите присуствувале и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил и советникот за економија и финансии, Фатмир Бесими.