Бугарскиот парламент го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија


       
Софија, 18 јануари, 2018 - 10:10 (META) 

Националното собрание во Бугарија денеска едногласно го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија.

Ратификацијата на Договорот беше поддржана од 186 пратеници, а во салата присуствуваше и македонскиот амбасадор во Бугарија, Маријан Ѓорчев, пренесуваат бугарските медиуми.

Во понеделникот македонското Собрание со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ го изгласа Предлог-законот за ратификација на Договорот кој  беше потпишан на 1 август минатата година, од премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, вчера во Европскиот парламент рече дека Бугарија и Македонија се пример во регионот за решавање на проблемите.

Говорејќи за интеграциите во регионот, Борисов потенцираше дека ЕУ треба да им каже на земјите од Западен Балкан кога ќе бидат прифатени во Унијата и рече дека Македонија и Бугарија се вистински пример за решавање на проблемите, откако двете земји се согласија на потпишување на Договорот за добрососедство.

Бугарскиот премиер изрази и надеж дека македонско-грчкиот спор наскоро ќе биде решен и дека Македонија во брзо време ќе стане членка на НАТО и на ЕУ.