Столтенберг: Прво името, па потоа покана за НАТО

-

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интерјуто за МИА вели дека има две главни пораки за време на посетата на Скопје – НАТО останува посветен на поддршката на Македонија на патот кон членството во алијансата и не охрабрува да продолжиме со спроведувањето на реформите, кои ќе го зајакнат владеењето на правото и демократските институции.

За Столтенберг решавањето на прашањето за името е задача на Македонија и Грција со посредство на Обединетите Нации.

– Не е до мене да предложам решение. Но, го поздравувам моментумот од неодамнешните состаноци и ја охрабрувам вашата Влада да истрае во овие напори. Сојузниците се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја да се приклучи на Алијансата откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН. Позицијата на НАТО за името останува непроменета. Сите одлуки во НАТО се донесуваат врз основа на консензус помеѓу сите НАТО сојузници – вели тој.

Столтенберг смета дека во последните неколку месеци имало напредок во многу области, но и дека треба да се направи повеќе. Тој ги охрабри сите политички партии во земјата да се вклучат во отворен и конструктивен дијалог и да се фокусираат на политичките и економските реформи.

– Видовме обновени напори во однос на реформите со формирањето на новата Влада минатата година. Она што е важно сега е стабилно и ефективно спроведување на реформите. На пример мошне е важно да се овозможи ефикасна работа на Специјалното јавно обвинителство и на новиот јавен обвинител назначен од Собранието. Потребно е и да продолжат напорите за борба против корупцијата во сите политички партии. Владата изнесе конкретни реформи и мерки во својот реформски план во тесна соработка со Европската унија, а ние ја поттикнуваме нивната целосна имплементација – вели Столтенберг.

Првиот човек на Алијансата денеска има прилично исполнет распоред на средби во Скопје. Во 9  часот тој се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров, по што веднаш замина на прием кај претседателот Ѓорге Иванов, во резиденцијата на Водно.

Во 10.30 часот ќе отпочне средбата во Министерството за одбрана со министерката Радмила Шекеринска, што ќе биде и најдолгата средба на Столтенберг денеска во Скопје.

Потоа тој има средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, по што околу 12 часот ќе се обрати пред пратениците на свечена собраниска седница. По говорот, во зградата на Собранието ќе има средби со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

Потоа Столтенберг ќе биде свечено пречекан во Владата и ќе има средба со премиерот Зоран Заев и заедничка прес-конференција, по што ќе замине од земјава.

Во Кривичниот суд денеска сведочеше мајката на Вања Ѓорчевска

Во скопскиот Кривичен суд денеска Зорица Ѓорчевска, мајка на убиената Вања Ѓорчевска, кажа дека таткото на девојчето Александар Ѓорчевски, од првиот момент тврдел дека неговата ќерка е киднапирана, со...