Анѓушев: Законот ќе обезбеди транспарентност во поддршката на компаниите


       
Скопје, 4 април, 2018 - 16:44 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев се обрати на седницата на Комисијата за економски прашања во Собранието, на која одговараше на прашања од пратениците за потребата од донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

„Законот претставува замена на нетранспарентната шема на државна помош со која во претходните години беа поддржани само 23 компании, а притоа се потрошени над 225 милиони евра, од буџетот на државата. Креиран е транспарентен механизам со кој се овозможува поддршка на многу поголем број на компании и пораст на економијата“, рече Анѓушев.

Тој додаде дека со овој Закон се дава правна сигурност на инвеститорите, која покрај стабилната политичка состојба, се основи за реализација на секоја инвестиција.

Анѓушев потенцираше дека со Законот за финансиска поддршка на инвестиции се планира да се поддржат успешни компании, кои покажале просечен раст на приходот и не намалување на просечниот број на вработени во истиот период, во споредба со годината за која побаруваат државна помош. Сето ова, компаниите може да го прикажат со доставување на завршните сметки за наведените години.