Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска упати поддршка за притворениот новинар Зоран Божиновски.
„Бараме од судските власти Божиновски веднаш да биде ослободен од вина и да биде пуштен на слобода од Истражниот затвор во Скопје. Колегата Божиновски на 7 ноември 2013 година беше уапсен во Нови Сад со потерница од Интерпол, како еден од осомничените во случајот „Шпион“, со обвинение за злосторничко здружување, шпионажа и за уцена според Кривичниот закон на Македонија и оттогаш се наоѓаше во екстрадиционен притвор. Поради неможноста во Македонија да му се овозможи праведен судски процес и поради политичкиот прогон, Божиновски во меѓувреме побара азил во Република Србија. Тој ја чекаше одлуката од слобода, но и покрај настојувањата на здруженијата на новинарите на двете земји српските власти да му дадат азил на Божиновски, тие му го одбија барањето и тој на 21 овој месец експресно беше екстрадиран во земјава и притворен“, стои во соопштението.
Од ЗНМ се уверени дека овој случај ќе биде забележан во историјата на македонското новинарство како класичен пример за постигнување ефект на страв, дисциплинирање и на самоцензура кај новинарите, истовремено уште една лоша порака за другите новинари кои ги истражуваат врските на бизнисот, политиката и на криминалот и целосно обесхрабрување на истражувачкото новинарство во земјава.
„Нашата порака е јасна и недвосмислена: Божиновски мора да биде ослободен веднаш! Неприфатлив е каков било друг исход од ова политички монтирано обвинение за негова наводна кривична одговорност. Колега Божиновски, ние членовите на ЗНМ, со оваа декларација изразуваме подготвеност и те уверуваме дека со заеднички сили ќе ја водиме оваа битка до краj“, стои во декларацијата на здружението.