fbpx

ЗНМ: Осуда на понижувачкиот однос на кандидатот Фатмир Лимани кон новинарката Салије Садику од ТВ 21

-

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува јавниот понижувачки однос на независниот кандидат за градоначалник за општина Кичево Фатмир Лимани кон новинарката Салије Садику од ТВ21 и бара јавните чинители да внимаваат на нивниот однос, посебно кон жените новинарки во државата.

„Имено, додека новинарката Салије Садику, известувала за локалните избори во Северна Македонија се соочила со непријатна ситуација проследена со агресивен говор и обвинувања од страна на независниот кандидат од Кичево, Фатмир Лимани кон неа лично и телевизијата ТВ 21. Колешката Садику била присутна на настанот со цел да пренесе на граѓаните информации од изборните циклус и наместо да добие одговор од кандидатот таа била грубо навредувана а потоа и исвиркана од толпата“, се наведува во соопштението на ЗНМ

Според колешката Садику, стотина симпатизери кои го поддржуваат Лимани кои биле присутни во моментот на инцидентот, ноќта на 17-ти октомври, ракоплескале кога се случил настанот.

Во нејзината реакција до канцеларијата на ЗНМ, Садику појаснила дека во неделата екипата на ТВ21 заедно со екипите на ТВ Клан и МТВ биле во штабот на Лимани во 20:00 часот, од таму шефот на кабинетот Бејтула Емини им рекол дека се уште не се подготвени, но и ќе ги чекаат резултатите.

По неколку часа откако новинарката се вратила да земе изјава од кандидатот тој пред присутните станал и со висок тон почнал да вика кон Садику со зборовите: „Вие сте најлошото нешто што им се случило на граѓаните, вие сте крвопијци. Вие сте виновни што Кичево стигна во оваа ситуација каде се наоѓа. Вие сте со власта и работите еднострано“.

„Јас се повлеков наназад и во тој момент присутните кои беа повеќе од 100-тина лица започнаа со гласен аплауз и кон мене извикуваа со извици уууууу…” изјави Садику.

Од ЗНМ потенцираат дека ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е подигнување на свеста на кандидатите за градоначалници и сите политички чинители во изборниот циклус кон новинарите, бидејќи во овој момент следи и вториот круг од локалните избори во повеќе општини.

„Сметаме дека доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните“, нагласуваат од ЗНМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...