Женскиот младински хор при МКЦ во сабота ќе одржи концерт во Прилеп

Извор: НУЦК „Марко Цепенков“-Прилеп

Во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во сабота (26 јуни), со почеток од 20 часот, Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје ќе одржи концерт, под диригентската палка на Сашо Татарчевски. Пијано придружба на хорот ќе биде Иван Трајковски. Соло делници ќе изведат: Ана Михајлова, Елена Васова, Мила Николовска и Јулијана Деспотоска.

На програмата на концертот на Женскиот младински хор при МКЦ ќе бидат изведени композиции од британскиот композитор Бенџамин Бритн, „Ceremony of Carrots“, став 28 и германскиот композитор Јоханес Брамс, „Gesänge für Frauenchor “, став 17.

Од своето формирање во 1972 година па сé до денес, Женскиот младински хор е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Во изминатите 45 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали, промовирајќи се во вистински културен амбасадор на земјава.

Само во последните неколку години можат да се издвојат низа успешни меѓународни презентации како турнејата низ Нормандија, пехарот на натпреварот „Бохуслав Мартину“ и наградата за најдобра изведба на обврзна композиција во Чешка, првата награда во категоријата за стандардна хорска програма и првата награда во категоријата за фолклорни хорски обработки во Хрватска, втората награда на натпреварот на музичката академија „Фредерик Шопен“ во Варшава, првото место во категоријата камерни женски хорови на европските хорски игри во Грац, двете втори награди на интернационалниот натпревар „Краковиа Кантанс“ во Краков, златна диплома и две специјални награди на натпреварот „Ливиу Борлан“ во Романија, две први награди и три специјални награди на меѓународниот хорски натпревар „Вратиславија сакра“ во Вроцлав, како и две први места, специјална награда и GRAND PRIX на младинскиот хорски натпревар во Братислава.