Зелениот катастар е само замислена алатка, дрвјата ја губат битката со бетонот

Протест на иницијативата „Зелен хуман град“ за спас на преостанатите дрвја на улицата „Орце Николов“ во Скопје, 13 јуни 2021. Фото: Мета.мк

Градското зеленило не се зголемува. Четири години по донесувањето, законот за урбано зеленило кој превиде 25 квадратни метри зелени површини за секој жител, не донесе сериозна промена. Останува впечатокот дека во градовите никнуваат само нови згради, а не и дрвја. Граѓаните и понатаму поголемиот дел од годината се борат за капка чист воздух, а не ретко мораат и самите да се организираат и да спасуваат дрвја и паркови од налетот на пилите на општините и јавните претпријатија или од багерите на инвеститорите.

Не функционира ниту зелениот катастар на Скопје, многу гласно најавувана алатка, која требаше на сите во секое време да ни покажува каде, колку и какви дрвја имаме. Да нè информира колку нови дрвја се засадуваат и дали се вистинити бројките кои ни ги сервираат институциите кога велат дека инвестираат во зеленило. Апликацијата на скопскиот зелен катастар во моментов не покажува никакви податоци, ниту пак врши селекција на информациите кои се предвидени дека треба да ги понуди. Многу мал интерес за создавање транспарентен зелен катастар, обврска која ја наметна законот за урбано зеленило, има и во другите општини низ земјата. Во моментов има само Кавадарци, а во тек на изработка е и во Охрид.

Деканот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Кирил Сотировски вели дека зелениот катастар на Скопје е во принцип неуопотреблив и ја губи смислата, затоа што воопшто не се ажурира со нови податоци.

„Зелен катастар е многу корисна и потребна алатка, но, за жал, во оваква состојба, во која се наоѓа тој на Градот Скопје веќе подолго време е суштински бескорисен. Оние кои треба да го користат, било за научни, апликативни, финансиски или за било какви други причини, не можат да имаат доверба во катастарот, бидејќи податоците во него заради неажурирањето стануваат застарени и нерелевантни. На пример, во системот се уште фигурираат информации за стебла кои се одамна угинати или отстранети, или пак не можат да се најдат стебла кои се реално новозасадени. Тие се порадикалните „грешки“ кои се разбирливи и за лаиците, но има и други проблеми кои се поспецифични, но кои се значајни за експертите“, посочува Сотировски.

Секоја година Скопје и другите општини велат дека засадуваат илјадници нови садници, но тие не се внесуваат во системот, иако тоа би било најсоодветно да се направи во моментот на засадувањето. Сотировски смета дека секакво подоцнежно внесување на новозасадените садници станува логистички и технички проблематично, а веројатно и финансиски. Со тоа, лесно се губат релевантни податоци за тоа што и колку се сади, каде се изведува тоа и колку од тие садници преживуваат после една, две или повеќе години. Се губи трага и нема транспарентност за тоа каде одат или се губат јавните пари наменети за зеленило. Тој смета дека соодветен зрел и системски приод кон постојано ажурирање на системот, иако навидум е сложен и скап, во суштина не само што ќе ги враќа инвестираните пари, туку ќе биде објективна системска пречка за корупција, за нестручно и несовесно отстранување на зеленило, за нестручно засадување и за други непосакувани појави.

Сотировски вели дека податоците од пописот на населението би требало наскоро да помогнат во проценката за тоа колку е вистинскиот просек на површина зеленило по жител во сите урбани средини. Сепак, посочува тој, и без тие податоци, јасно е дека зазеленувањето, барем во поголемите градови, оди во обратна насока од посакуваната.

„Со интензивната, често пати криминална и нехумана изградба на објекти, се одземаат зелените површини, или потенцијално зелените површини, а истовремено се зголемува густината на населението кое ќе живее во тие објекти. Со тоа, урбанизацијата, задава двоен удар на хуманиот, односно на животот блиску до природата, кон кој би требало да тежнееме во нашите градови“, вели Сотировски.

Примерите дека профитерството и наметнувањето на приватниот интерес на сметка на јавното добро се многу чести и присутни во речиси секој град. Најчесто страдаат зелените површини, а граѓаните честопати се немоќни да спречат било што. Примерот со реконструкцијата на улицата „Орце Николов“ е сè уште свеж, но и тие со улиците „Васко Карангелевски“ и дворот на некогашната фабрика „Треска“, кои се на мета на багерите. Деновиве започна и борбата за Влае, стара скопска населба позната по карактеристичните индивидуални домови, каде Општината Карпош планира да гради многукатница веднаш до училиште и црква на инклузивно игралиште.

Урбаното зеленило, кое е пропишано во Законот за урбано зеленило, го опфаќа јавното и останато зеленило. Во него влегуваат сите паркови, парк-шумите, дрвореди, зелени коридори, заштитното зеленило, но и неуреденото зеленило. Според податоците од Годишната програма за подигање и одржување на зеленилото на подрачјето на Град Скопје за 2022 година на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, Скопје има вкупно 5.064.117 квадратни метри зелени површини, од кои 2.353.392 се градско, а 2,710,725 квадратни метри се општинско зеленило.

Сепак, еколошкиот активист и советник на Зелен хуман град во Градот Скопје, Горјан Јовановски вели дека во главниот град, не само што квадратите зеленило не се зголемиле откако е донесен законот за урбано зеленило, туку има впечаток дека и се намалуваат. Она што најмногу загрижува е односот на локалните самоуправи кои и понатаму не се плашат да посегнат по пилите и багерите ниту пак се грижат за обврските од законот. Јовановски вели дека активистите и граѓаните сè уште се соочуваат со проблеми како тајно сечење на дрвја, како тоа на улицата „Орце Николов“, без најава и без јавно објавени причини и институција која ја издала дозволата.

„Наместо институциите да бидат тие кои ќе ги извршуваат своите задачи, ние сме тие кои бараме и истражуваме кој дал дозвола и дали навистина тие дрвја биле за сечење или не. Заради тоа и едно од барањата на ЗХГ до градската администрација е реактивирањето на зелениот катастар. Таа алатка треба да ги идентификува сите дрвја во градот и со неа да може транспарентно се следи дали некој се обидел нелегално да исече дрво, па дури и во приватен двор, не пак на јавна површина“, вели Јовановски.

Посочува дека ова барање, поднесено како амандман на буџетот за годинава, не било прифатено бидејќи немало доволно средства, но сепак, очекува дека со најавениот ребаланс тоа ќе се промени.

„Постојат начини и можности да се обезбеди зелениот катастар да функционира, но ми се чини дека се нема волја за тоа“, вели Јовановски.

Законот за урбано зеленило пропишува дека со Генералниот урбанистички план се одредува обемот на зелена површина по жител, што единицата на локалната самоуправа треба да го постигне во временскиот рок утврден со планската документација. Пропишано е дека во процесот на урбанистичко планирање, при изработка на Генералниот урбанистички план, потребно е да се обезбеди 25 квадратни метри зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на град, како и обврската при изработка на деталните урбанистички планови и архитектонско-урбанистичките проекти, да се обезбеди најмалку 20 отсто зеленило на секоја градежна парцела.

Во очи на почетокот на изработка на нов Генерален урбанистички план за Скопје, Јовановски посочува дека се промовира идеја за правење на пасош на главниот град, по примерот на Софија. Се работи за јавно достапна мапа на градски четврти каде се содржани сите информации вклучително и за зеленилото, од каде може да се црпат информации за идни инвестиции и планови како да се постигне стандардот од 25 квадратни метри зеленило за секој жител.

Градот Скопје, пак, не ги сподели своите планови и визии како ќе работи на збогатување на зеленилото во текот на годината. Градските власти не одговорија на прашањата на редакцијата на Мета.мк колку зеленило има во Скопје и кои се планираните инвестиции тоа да се зголемува. Не добивме одговор ниту кои се причините што не функционира зелениот катастар, ниту пак, дали се планира негово обновување.