Полициската акција која викендов беше спроведена во дискотеките во координација со Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат е доказ дека законот важи еднакво за сите, а МВР има должност да ја гарантира безбедноста на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев како одговор на пратеничко прашање денеска во Собранието.

-Знам од она што го имам добиено како информација, ниту една од седумте дискотеки нема лиценца за дискотека. Некој носел оружје во самите дискотеки, имало дрога. Има реакции од многу луѓе, има реакции и од дел од пратениците, но тоа е само доказ дека законот важи еднакво за сите. Во еден од објектите имало 5.000 граѓани, а безбедност на граѓаните е пред се и над се. Акцијата е спроведена од 47 полицајци. Ако имало слабости кај полицијата ве верувам дека ќе бидат санкционирани, до сега нема такви докази. Некои кои реагираат на оваа акција се мои лични пријатели. Сакаме да ги слушнеме сите забелешки, но МВР мора да ја гарантира безбедноста на сите. Подзаборавивме какви тешки моменти преживеа Македонија без превентивни контроли. Локалите се драгоцени полначи на буџетот, отвораат работни места и со должна почит и понатаму ќе бидат третирани – рече Заев.

Во саботата МВР, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат спроведоа акциски контроли во седум угостителски објекти на подрачјето на град Скопје. Во акцијата биле легитимирани 21 лице, а приведени биле три лица, од кои кај еден бил пронајдено огнено оружје, кај другиот непозната прашкаста материја, а третиот одбил да ја почитува наредбата издадена од полициските службеници и се спротивставил на преземање на службени дејствија.

Еден од приведените е сопственикот на една од најпопуларните скопски дискотеки „Сектор 909“, Огнен Узуновски-Оги, кој беше и активен учесник во протестите на Шарената револуција.

Голем број на граѓани на социјалните мрежи негодуваа за акцијата спроведена од МВР и коментираа дека полицајците во локалите биле вооружени со автоматски пушки.

На ова реагираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој на својот „Фејсбук“ профил напиша дека полицијата не употребила сила и дека акцијата била спроведена според прописите и правилата.
Тој ги повика граѓаните да пријават во МВР доколку се соочиле со несоодветно однесување на полицијата.