За забрзување на енергетската транзиција, земјава ќе аплицира до Климатскиот инвестициски фонд

Фото: Albert Hyseni on Unsplash

Владата на вчерашната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со можноста за аплицирање за Климатскиот инвестициски фонд, и го задолжи Министерството за економија во нејзино име да ја пополни апликацијата за изразување на интерес за учество во Програмата за Интеграција на обновливи извори на енергија и за учество во Програмата за забрзување на транзицијата од јаглен, кај Климатскиот инвестициски фонд, информираат од владината прес служба.

„Целта на оваа програма, меѓу другото, е да се поддржи транзицијата од јаглен/ фосилни горива во некои од земјите во развој кои користат и произведуваат јаглен, вклучително и оние каде што производството од термоелектраните на јаглен е доминантно во енергетскиот микс“, се наведува во соопштението.

Инаку, токму летово Северна Македонија стана членка на PPCA Алијансата (Powering Past Coal Alliance) за време на Лондонската недела на климатски промени. Земјава се обврза до 2030 година да го напушти производството на електрична енергија од јаглен, што значи дека Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан што се обврза да го преземе овој потег.

Досегашните истражувања на емисиите за стакленички гасови во земјава покажуваат дека најголемиот дел од нив произлегуваат од секторот енергија, со акцент првенствено на производството на енергија и транспортот. Во годините кога има големи шумски пожари, и секторот Шумарство е еден од клучните сектори од кои се врши емисија на јаглерод диоксидот и другите штетни материи кои се предизвикувачи на климатските промени.