ЕСМ: Северна Македонија прва земја од Западен Балкан што се обврза за напуштање на јагленот до 2030

РЕК Битола | Фото: ЕСМ

Северна Македонија стана член на PPCA Алијансата (Powering Past Coal Alliance) за време на Лондонската недела за климатски акции. Заедно со Шпанија, до 2030 година, земјава се обврза да го напушти производството на електрична енергија од јаглен, соопштуваат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

„Одлуката на Северна Македонија да се придружи на клубот европски земји кои ќе го напуштат производството од јаглен до 2030 година, го подвлекува фактот дека Парискиот договор за климатски промени стана норма за европските земји”, рече Махи Сидериду, извршен директор на „Европа без јаглен”. Тој додаде дека влезот на Северна Македонија во оваа група е особено значаен, бидејќи станува збор за првата земја од Западен Балкан што се обврзува на напуштање на јагленот.

Енергетската транзиција на земјата е еден од приоритетите на Владата и на АД ЕСМ, а  Енергетскиот стратешки план е една од точките на Акција 21 и на Интервентниот План за инвестиции 2021-2027, потсетуваат од ЕСМ. Додаваат дека, минатиот месец ЕСМ потпиша договори за јавно приватно партнерство за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј од 100 мегавати во вредност од 70 милиони евра, што претставува една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија.

„Паралелно, во различна фаза на реализација е и изградбата на уште две фотонапонски централи од 20 MW, со што во Осломеј целосно се супституира производството на струја од јаглен. Тоа е прв пример во Југоисточна Европа, за што Европската енергетска заедница испрати и писмо за поддршка“, информираат од ЕСМ.

Што се однесува до Ветерниот парк Богданци, во тек е проектот за зголемување на неговиот производствен капацитет на 50 мегавати, а Парк на ветерници ќе се гради и кај Миравци. Според сите релевантни меѓународни организации, Северна Македонија е на врвот на листата земји од регионот според растот на обновливите извори на енергија. Само минатата година, производството на енергија од ОИЕ во државава е зголемено на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 отсто.