За прв пат годинава учениците ќе добијат додаток на свидетелство

Доделување свидетелства на учениците во Гевгелија; Извор на фотографија: Општина Гевгелија, 12 јуни 2020 г.

Годинава нема да се повтори минатогодишниот проблем кога во основните и средните училишта недостасуваа свидетелства за учениците, поради што доцнеше процесот на доделување, уверуваат надлежните во Бирото за развој на образованието (БРО). Оттаму информираат дека за учениците од трета и четврта година средно образование, веќе се поделени свидетелствата затоа што се завршни години, a oстанатите ќе бидат поделени во периодот кој претстои.

Новина годинава е тоа што согласно новата Концепција за образование, сите ученици за прв пат ќе добијат и додаток на свидетелство.

„Додатокот ќе се однесува само за воннаставни активности на учениците, односно ќе содржи опис за постигањата на ученикот за конкретна воннаставна активност. Во додатокот нема да има оценка, туку ќе има текст. Тој нема да влијае на успехот. Наставниците ќе добијат насоки како ќе треба да се пополни тој документ“, информираат за Мета.мк во Бирото за развој на образованието.

Планирано е во иднина со измени на Законот за основно образование и Законот за средно образование, додатокот да има влијание при уписот на учениците во повисоките степени на образование. На пример, ако некој учел изборен предмет од областа на природните науки, а ако сака да се запише на медицина, тогаш додатокот ќе соодветно ќе се вреднува при упис.

Инаку, во овој период во тек се испрашувања и тестирања на основците и средношколците и заклучување на крајните оценки. До крајот на учебната година има уште десетина дена.

Минатата година во училиштата немаше навреме свидетелства. Според Самостојниот  синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кој тогаш за овој проблем реагираше, тоа доцнење се должеше на задоцнет тендер за набавка на свидетелства. Оттаму оценија дека е непринципиелно поради некои процедури, свидетелствата да не се издадат навреме и дека е тоа голем минус за службите.