Фото: Whispyhistory, CC BY-SA 4.0 , Викимедија комонс

Откако неколку земји-членки на ЕУ изминативе денови ја суспендираа имунизацијата на населението со вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“, македонското Министерство за здравство вели дека нашата земја ќе ги следи препораките на Европската медицинска агенција (ЕМА) и Светската здравствена организација (СЗО), пишува „Порталб.мк“.

Околу тоа кога се очекува да пристигне оваа вакцина во нашата земја, од Министерството за здравство за „Порталб.мк“ одговорија дека тие навремено ќе ја информираат јавноста за пристигнувањето на новите дози вакцини.

Македонија треба да добие вакцини против ковид-19 на „АстраЗенека“ преку КОВАКС механизмот, за што Министерството за здравство уште на почетокот на февруари годинава информираше дека КОВАКС ја информирал владата оти се предвидени 103.200 до 175.200 дози на вакцината „АстраЗенека“. Министерството тогаш соопшти дека 35 отсто од вакцините се очекува да пристигнат во првиот квартал, односно до крајот на март.

Од Светската здравствена организација (СЗО) денеска ТВ 24 добиле потврда дека Македонија преку КОВАКС механизмот ќе добие 100.800 вакцини на производителот „Астра зенека“ преку првата распределба.

По реакциите на некои од земјите-членки на ЕУ кои привремено ја прекинаа имунизацијата со оваа вакцина, генералната директорка на Европската медицинска агенција (ЕМА) Емер Кук рече дека нема индиции оти создавањето на опасни крвни згрутчувања кај некои лица кои ја примиле вакцината на „АстраЗенека“ е предизвикано од вакцинацијата. Таа сепак додаде дека испитувањата се во тек, но и изјави дека е „цврсто уверена“ дека предностите на вакцината на „АстраЗенека“ се поголеми од ризикот.

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека вакцината на „АстраЗенека“ и Универзитетот Оксфорд против ковид-19 е безбедна и исклучително ефикасна.

„Оваа вакцина е безбедна и работи исклучително добро“, изјави Џонсон за „Тајмс“, истакнувајќи дека „релативно лесно се дистрибуира“.

Експертите на Светската здравствена организација (СЗО) денеска ќе разговараат за безбедноста на оваа вакцина, која во Велика Британија непречено им се дава на граѓаните во борбата против ширењето на ковид-19.

Од друга страна, десетина земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Италија, ја прекинаа имунизацијата со вакцината на „АстраЗенека“ како превентивна мерка поради сомнеж за несакани ефекти, вклучително и формирање на згрутчување на крвта. СЗО во моментов пак препорачува продолжување на вакцинацијата со „АстраЗенека“.