fbpx

Вратен на работа еден од цариниците кои го пуштија автобусот на „Беса Транс“ без лиценца во странство

На последното рочиште за случајот „Беса Транс“ пред судот сведочеше царинскиот претставник, кој ги прочита условите кои се задолжителни за автобусот што ја минува границата

-

Царинската управа на РСМ за Порталб.мк потврди дека двајцата цариници кои го пуштија автобусот на „Беса Транс“ без лиценца да ја помине границата со Бугарија се казнети, односно едниот бил отпуштен од работа, а другиот бил казнет со намалување на платата за 15 отсто за период од шест месеци. Вториот цариник веќе е вратен на работното место.

„За утврдените неправилности во постапувањето, за двајцата царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, веднаш беа преземени мерки за суспендирање од работното место. За нив се покренати дисциплински постапки. На еден од царинските службеници кој бил на смена му престана работниот однос во Царинската управа, а на вториот царински службеник изречена му е дисциплинска мерка – парична казна во висина од 15% од последната исплатена месечна нето плата во траење од 6 месеци“, потврдуваат за Порталб.мк од Царинската управа.

Двајцата царински службеници не го евидентирале електронски излезот на возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот „Беса транс“ од Скопје, туку само го завериле списокот за превоз на патниците. Цариниците избегнаа кривично гонење во судскиот процес, кој стана актуелен по автобуската несреќа во Бугарија кога животот го загубија 45 лица.

Од друга страна, компанијата „Беса транс“ како правно лице и нејзиниот сопственик Беким Хаџиу, од обвинителството во судскиот процес се обвинети за „фалсификување на лиценцата“.

Според обвинението, 41-годишниот Беким Хаџиу како сопственик на „Беса Транс“ од село Рашче преку возачите кои го управувале автобусот користел сертификат од лиценца која не била издадена од Министерството за транспорт и врски. Со лажниот сертификат, автобусот во текот на 2021 година, во периодот од 10 јануари до несреќата на 23 ноември, 20 пати ја напуштил државата.

На последното рочиште, пред судот сведочеше царинскиот претставник, кој ги прочита условите кои се задолжителни за автобусот што ја минува границата.

Сепак, цариниците го пуштиле автобусот, кој потоа имаше сообраќајна несреќа во Бугарија, без да поседува лиценца за меѓународен превоз на патници. Но, никој пред судот не го праша царинскиот претставник како е можно да се пушти автобус со патници без лиценца – неопходен документ за преминување граничен премин.

Тезата на одбраната на „Беса транс“ е дека нема фалсификување на документи, бидејќи според нив, за да се нарече некој документ лажен треба да се изработи од оригинален документ, но во случајов автобусот користел оригинална лиценца на друг автобус. За ова, тие ги обвинуваат цариниците кои го пуштиле автобусот.

Автобуската несреќа се случи на 23 ноември 2021 година во раните утрински часови, кога автобусот на „Беса транс“ кој со туристи се враќаше од Истанбул удри во средишната ограда на автопатот Струма. Животот го загубија 45 лица, меѓу нив и 12 деца, додека преживеаја само седум патници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...