Играта Mordhau можете бесплатно да ја преземете на Eпик гејмс до 20 април

Mordhau скриншот од Epic Games

Играта Mordhau со средновековни битки е бесплатна за преземање на Епик гејмс до 20 април. Во редовна продажба таа чини 27 евра. До четврток, бесплатна е основната игра, која доаѓа со 38 достигнувања на Епик гејмс. Има и додатоци кои може да ги купите што додаваат различни сетови како Лајон сет, Гротеск сет и Драгон сет.

Во играта Mordhau, ако јавате коњ и замавнете погрешно со мечот, можете да си го повредите коњот. Исто така оваа игра ја споредуваат и со Kingdom Come Deliverance што исто така беше на промоција на Епик гејмс пред подолго време, со таа разлика што таа е само за еден играч, a Mordhau е исклучиво мултиплејер. 

Играта директно ве втурнува во битки против други играчи. Мора да се напомене дека играта е брутална и со експлицитни сцени и поради тоа е означена како 18+ игра. Всушност погледнете го и самите трејлерот за играта да видите за што се работи:

 

https://www.youtube.com/watch?v=nFpoDlH6Sxs

 

Се бираат сервери на различни мапи што ионака се пренаселени и собира по 50 луѓе на сервер, а самиот концепт на играта е дека сте средновековен борец втурнат во епска битка и има различни типови на витези, стрелци и борци од кои можете да бирате- со различни оклопи и користат различни средновековни оружја. Иако се очекува бројот на играчи драстично да порасне во оваа игра по бесплатната промоција на Epic Games играта и пред ова има солиден број на играчи. Тоа е така затоа што веднаш се влегува во акција, а самата игра е добро оптимизирана и бара минимална помодерна гејмерска машина што се однесува до јачината на компјутерот потребен за неа -а зафаќа околу 40 GB простор на хард диск кога ќе се инсталира.

Околините во кои се одвиваат битките во замоци можат да бидат со различни годишни времиња и сценографија од пустини до снежни нивоа, до класични нивоа со замок во пролет или лето опкружен со шуми. 

Играта вреди да се земе ако со пријателите барате ново искуство и нова игра за играње заедно, а незнаете на која да се насочите. Сепак мора да се напомене дека како и секоја друга мултиплејер игра треба вежбање да се навикнете на контролите и да стекнете вештина во играта, така што не треба да се нервирате ако на почетокот често губите. Mordhau е релативно понова игра што „држи цена” и е пријатно изненадување што може да се земе и игра веднаш преку Epic Games.